Иницијативата за повторно отворање на Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за странски јазици во Тирана, кој запрел со работа пред нешто повеќе од десет години, почна во декември минатата година, на состанок на МСМЈЛК при УКИМ и македонското друштво „Илинден“ од Тирана. Лекторат по македонски јазик на Универзитетот во Тирана е повеќе од потребен. Несомнено постои огромен интерес за македонистиката од страна на новите генерации на македонската заедница, која е втора по бројност меѓу малцинствата во Албанија. Постои интерес и од страна на огромен број студенти што студираат филологија во Тирана да можат да го изучуваат и македонскиот јазик. Но битно е да се подвлече дека овој лекторат би бил клучен за унапредување на културните врски меѓу двата народа и двете држави, за развивање на добрососедските односи и за градење нови мостови на соработка меѓу македонската и албанската академска научна средина

Се засилуваат активностите за отворање лекторат по македонски јазик во Тирана

Иницијативата на македонското друштво „Илинден“ – Тирана добива нови чекори за повторно да се отвори Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана, по заложбите на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, односно Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при УКИМ, и веќе се забрзува со сигурни чекори. Интерес, подготвеност и подадена рака за вложување во перспективите на македонистиката во Албанија сега има и од тиранскиот Факултет за странски јазици, со желба токму Лекторатот по македонски јазик да биде централна точка на натамошната соработка и на развивањето на врските меѓу двете академски заедници – македонската и албанската.
Минатата недела во Тирана, Република Албанија, се одржа состанок меѓу проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, директорката на МСМЈЛК при УКИМ, деканката на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана, проф. д-р Есмералда Кромида, продеканката за меѓународна соработка, проф. д-р Дрита Рир, како и македонскиот амбасадор во Албанија, Данчо Марковски. На спомената средба беше дискутирано за перспективите на македонистиката, односно за обезбедување финансиски средства за функционирање на Лекторатот по македонски јазик во Тирана.

Иницијативата за повторно отворање на Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за странски јазици во Тирана, кој запрел со работа пред нешто повеќе од десет години, почна во декември минатата година, на состанок на МСМЈЛК при УКИМ и македонското друштво „Илинден“ од Тирана. Тогаш, по средбата меѓу директорката на МСМЈЛК при УКИМ, Весна Мојсова-Чепишевска и претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај, беше нагласено дека овој лекторат би придонел не само за присуството на македонистиката во албанската академска средина туку и за содејство во развојот и на македонската и на албанската филологија, затоа што со добри познавачи на двата јазика во двете земји ќе може да се остварат и заеднички чекори во унапредувањето на балканистиката.

Но мора да се има предвид дека за да се оствари секоја ваква иницијатива, неопходно е да има интерес и желба и подготвеност за соработка и од универзитетот, односно факултетот на кој треба да функционира лекторатот. Оттука, клучно е што по заложбите изминатиот период, оваа иницијатива ја прифатија и колегите од тиранскиот Факултет за странски јазици, затоа што без тоа, објективно, целосното остварување на иницијативата би било невозможно или многу потешко остварливо. Се надевам дека со овој работен состанок, заеднички започнавме едно важно и убаво поглавје на развојот на македонистиката и во Албанија, кое посакуваме да биде пример и за другите иницијативи за присуство на македонистиката на странски универзитети за кои се залагаме, нагласи директорката на МСМЈЛК при УКИМ, Весна Мојсова-Чепишевска, по работниот состанок.
Според неа, уште поважно е што на состанокот, во дискусиите се согледа дека прифаќањето на оваа иницијатива е со заемна подготвеност не само за повторно почнување настава по македонски јазик туку и за заеднички натамошни заложби за афирмација на македонистиката во Тирана и за постојано развивање на соработката, што може да резултира со брз развој на лекторатот.
На состанокот е констатирано дека е потребно да се овозможи македонскиот јазик во Тирана да биде изучуван од сите тамошни студенти што одлучиле или ќе одлучат да се посветат на изучувањето на словенските или балканските јазици и на почетокот наставата да се одвива во два, па потоа и во четири семестри. Ама и да не се запре тука, туку понатаму да се продолжи и со предметни програми за македонска литература и култура и со заеднички вложувања постепено да се создаваат услови на факултетот да има и посебен студиум по македонистика.
Македонското друштво „Илинден“ – Тирана уште од формирањето се залага за континуирана работа на лекторат по македонски јазик, но и за реализирање на дамнешната идеја за лекторатот да прерасне во катедра по македонски јазик. Наместо тоа, за жал, лекторатот беше затворен пред десет години, така што во моментов го нема ниту тој начин за образование на заинтересираните Македонци од Албанија. Според реакциите што стигнуваат до нашето друштво, лекторат по македонски јазик на Универзитетот во Тирана е повеќе од потребен, не само поради големиот интерес за македонистиката од страна на новите генерации на македонското национално малцинство. Како што е познато, македонската заедница е втора по бројност меѓу малцинствата во Република Албанија и нејзиниот интерес да го изучува македонскиот јазик е несомнен. Овој лекторат би бил клучен за унапредување на културните врски меѓу двата народа и двете држави, за развивањето на добрососедските односи и за градењето нови мостови на соработка меѓу македонската и албанската академска научна средина. Со ваквиот наш став, како македонско друштво „Илинден“ – Тирана се обративме до Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во нашиот допис од 28.11.2022 година, покрај другото, доставивме и официјално барање за реактивирање на Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана.

Лекторат по македонски јазик на Универзитетот во Тирана веќе е повеќе од потребен. Не само поради големиот интерес за македонистиката од страна на новите генерации на македонската заедница, која е втора по бројност меѓу малцинствата во Албанија туку и за да се овозможи сите студенти што студираат филологија во Тирана да можат да го изучуваат и македонскиот јазик. Овој лекторат би бил клучен за унапредување на културните врски меѓу двата народа и двете држави, за развивањето на добрососедските односи и за градењето нови мостови на соработка меѓу македонската и албанската академска научна средина, вели Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво „Илинден“ – Тирана.
Како македонско друштво „Илинден“ – Тирана ѝ се заблагодаруваме на директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, која изрази подготвеност и решеност за остварување на барањето од голем интерес за македонското национално малцинство во Република Албанија. За жал, на Универзитетот во Тирана воопшто не се изучува македонистиката, додека со работата на лекторатот би се отвориле перспективи за заеднички научноистражувачки проекти, но и за нови активности во областа на културата што ќе овозможат нови перспективи меѓу двата народа, рече Никола Ѓурѓај. Д.Ст.