Ова е многу емотивно за мене. Секоја титула е многу посебна за мене. Навистина е добро и двете шахистки одигравме добро овој пат, па затоа е уште поспецијално. Имав повеќе среќа, рече Венјун, која првпат стана светска шампионка во 2018 година, а сега славеше на дуелот со сонародничката Тингџи

Ју Венјун (32) од Кина четврти пат е светска шаховска шампионка, откако ја постигна клучната победа во решавачкиот, последен, 12-ти натпревар од мечот за планетарната круна со предизвикувачката, нејзината сонародничка Леи Тингџи. Мечевите се играа во Шангај и во Чончинг. Венјун победи со 6,5-5,5 (две победи, еден пораз, девет ремија).
Во првото интервју откако ја освои круната по четврти пат, Венјун беше изненадувачки мирна, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
– Возбудена сум, но и ми олесни што конечно е завршен мечот. Ова е многу емотивно за мене. Секоја титула е многу посебна за мене. Навистина е добро и двете шахистки одигравме добро овој пат, па затоа е уште поспецијално. Имав повеќе среќа – рече Венјун, која првпат стана светска шампионка во 2018 година.
Освен што ја одбрани титулата, таа освои и 300.000 евра парична награда, а 200.000 евра ѝ припаднаа на Тингџи.
– Натпреварот конечно заврши. Нема повеќе притисок. Има толку многу работи што треба да се направат. За мене ова е некакво олеснување и со нетрпение очекувам да се опуштам. Ќе бидам фокусирана на иднината и ќе се трудам максимално да играм добар шах. Бев многу среќна што играм против Ју на овој натпревар и научив многу. Ќе се вратам – рече Тингџи.
Аркадиј Дворкович, претседателот на ФИДЕ, ѝ честита на Венјун за нејзината победа.
– Да се освои светската круна е неверојатен успех, но да се направи тоа четврти пат по ред како Ју Венјун е нешто друго. Честитки до Венјун за нејзината победа, но и до Тингџи за големата борба. Овој спектакуларен и тензичен натпревар го покажа најдоброто од женскиот шах. Ќе останат запаметени игрите на двете кинески шахистки, атмосферата и одличната организација на нашите кинески домаќини – додаде Дворкович. Н.М.