Фото: Игор Бансколиев

За правните експерти нема дилеми дека со предложените уставни измени повторно се прават „карактерни промени на Уставот“, а со тоа и на државата! Токму со тоа широко се отвора вратата за наредниот чекор, а тоа се „идентитетските промени што ќе дојдат подоцна, во втора-трета фаза, кои произлегуваат од преговарачката рамка, францускиот предлог, потпишаните протоколи“, што на крајот ќе резултира со целосна деноминација на македонскиот народ и распад на државата каква што досега ја знаеме и паметиме

КАРАКТЕРОТ НА МАКЕДОНСКИОТ УСТАВ И ПРЕДЛОЖЕНИТЕ УСТАВНИ ИЗМЕНИ

Тезата дека предложените уставни измени не задираат во ниту едно идентитетско прашање, која упорно ја пласираат предлагачите на уставните промени, дополнително ги судри ставовите меѓу експертите и стручната јавност, која е вчудовидена од аматеризмот со кој се турка целиот процес. Според нив, изјавите дека „уставните измени не задираат во ниту едно идентитетско прашање се крајно погрешно тврдење и провиден политички спин“! Тоа има цел да создаде дополнителна забуна и конфузија кај граѓаните во однос на предложените уставни измени, кои изобилуваат со правни пропусти, недоречености, нелогичности, противречности и контроверзии од различна (политичка, лингвистичка и др.) природа.
По обелоденувањето на предлог-текстот на уставните измени што влегоа во собраниска процедура, премиерот Ковачевски порача дека немало ништо идентитетски спорно во уставните измени.
– Сметам дека станува збор за уставни измени што не задираат во ниту едно идентитетско прашање – изјави Ковачевски.
Истата порака тој ја кажа и во Берлин, по средбата со германскиот канцелар Олаф Шолц, но и во други пригоди.

Мешање баби и жаби: Треба да се направи разлика помеѓу „…задирање во карактерот на Уставот (односно карактерни промени на државата)…“ и „…задирањето во идентитетските прашања…“

За аналитичарите и правните експерти нема дилеми дека тезата „уставните измени не задираат во ниту едно идентитетско прашање“ е надвор од контекст на проблемот, бидејќи всушност „со предложените уставни измени се интервенира во карактерот на Уставот, во карактерот на државноста и во унитарниот карактер на Македонија, а не директно во идентитетскиот аспект“! Идентитетскиот аспект е чекор понатаму. Имено, тежиштето на предлог-уставните промени е поврзано со карактерот на македонската држава, поточно со промената на карактерот, а не со идентитетските прашања (иако, рака на срце, има и со тоа корелација, но не примарна, засега).
Затоа, според соговорниците, „слободно може да се каже дека употребата на таа теза (дека уставните измени не задираат во ниту едно идентитетско прашање), во овој момент за оние што ги туркаат уставните измени е „згодна, ама е незгодна“, за подоцна, имено за оние што во суштина не ја разбираат докрај и не ги антиципираат последиците од ваквата теза, доколку се прифати. Соговорниците истакнуваат дека „идентитетските прашања се отвораат во наредната фаза, откога условот за менување на Уставот, односно промена на карактерот на државата, ќе биде заокружен“. На кој начин?
Имено, уставните промени и промената на карактерот на државата се conditio sine quа non (услов без кој не се може) за натаму, за пристапување кон „идентитетските промени што се веќе испланирани и стипулирани во протоколите и францускиот предлог, односно во натамошните интегративни фази“.
– Со внесување на Бугарите во Уставот, кои се дефинираат како народ, се прават суштински измени во карактерот на Уставот, а со тоа и во карактерот на државата. Наместо како држава на македонскиот народ, кој е единствен носител на државноста и сувереноста, со предложените измени Македонија се дефинира како збирштина на повеќе народи што живеат во неа или, народски кажано, „мноштво на сајбии што полагаат право на една иста земја“ – децидни се правните експерти, при што истакнуваат дека „се прави тешка конфузија околу титуларот на државата и се прави збрка на правата и обврските што извираат од тоа, имено од непрецизно дефинираниот носител на државноста“.
Со тоа, според нив, се прават карактерни промени на Уставот и на државата, што, пак, широко ја отвора вратата за идентитетските промени што ќе дојдат подоцна, во втора-трета фаза, а кои произлегуваат од преговарачката рамка, францускиот предлог, потпишаните протоколи и на крајот ќе резултира со целосна деноминација на македонскиот народ и распад на државата каква што досега ја знаеме и паметиме.
Измените на Уставот се само почетна точка, да се почне со нешто што на крајот може да резултира за целосна деноминација на македонскиот народ и држава. Во втората-третата фаза во протоколите што треба да се усвојат и одредбите од преговарачката рамка што треба да се спроведат се тие болни идентитетски измени, кои некој очигледно сега сака да ги прикрие, тврдат соговорниците.
За правниците вака форматираниот предлог за уставни измени е правно збунувачки и политички конфузен. Во иста реченица се споменуваат граѓаните на земјата, преку кои се истакнува граѓански карактер на еден устав, а веднаш потоа се споменуваат и македонскиот народ, дел од албанскиот народ, а и другите наброени народи, со што се добива впечаток дека Уставот има национален карактер и концепт, при што се создаваат тотална забуна и катастрофално аналфабетско мешање термини и поими од уставното и од меѓународното право!

Уставот станува еден „композит на повеќе народи“, се губи националниот карактер на македонската држава, што е во основа и крајната цел на овој процес на обезличување на Македонија

– Постоење на повеќе конститутивни народи во една држава, како што сега се предлага, може да значи кантонизација, федерализација и создавање куп нови проблеми во некоја подоцнежна фаза. Земете го примерот со Босна и Херцеговина, каде што има три конститутивни народи и постојано има проблеми со функционалноста на државата и институциите. Сега со предложените уставни измени во преамбулата на македонскиот устав се наведени дури 13 народи, наместо јасно и категорично да се нагласи дека Македонија е национална држава на македонскиот народ и држава на припадниците на другите националните малцинства што живеат во неа и да се набројат кои се тие малцинства. Дистинкција меѓу македонскиот народ и другите малцинства мора да постои и така е секаде во светот – тврдат правните експерти.
Според универзитетскиот професор Звонимир Јанкуловски, кога Уставот ви станува еден композит на повеќе народи се губи националниот карактер на македонската држава, што е во основа и крајната цел на овој процес на обезличување на Македонија.
Дека клучните прашања и проблеми поврзани со губење на македонските идентитетски обележја ќе пристигнат во подоцнежните фази, по промената на Уставот, преку спроведувањето на преговарачката рамка, протоколите и францускиот предлог, согласни се и истакнати светски признаени професори и аналитичари. Со самото тоа Македонија е ставена во подредена или губитничка позиција во однос на Бугарија.
Според Флоријан Бибер, експерт за Балканот, францускиот предлог, а со тоа и преговарачката рамка со ЕУ, во суштина ја прифаќа националистичко-хегемонистичката вонмеѓународноправна логика на бугарската влада.
– Тоа е катастрофа за проширувањето на ЕУ. Унијата позначително се приближува до бугарските барања отколку до позицијата на Македонците, па затоа е неурамнотежена. Притоа го вклучува билатералниот спор во преговарачкиот процес на ЕУ, давајќи им легитимитет и охрабрување на идните членки на ЕУ што ги блокираат земјите-кандидатки – вели Бибер.
И за дел од политичките субјекти во државата тешкотиите и атаките врз идентитетот допрва следуваат, со спроведувањето на преговарачката рамка.
Сите одредби и барања во неа на еден перфиден начин го оспоруваат и се закана за македонскиот идентитет.
За дипломатите, пак, е несфатливо како е можно сите други народи од соседството да имаат народи во Македонија, а само ние како Република Македонија да немаме право да говориме за нашите малцинства во Грција и Бугарија. Во таквиот однос и политика на Бугарија и Грција може да се препознае дека тие дејствуваат „синхронизирано“ против Македонија, оценуваат дипломатите.
Дури и европратеникот и постојан известувач на ЕП за Македонија, Илхан Ќучук, смета дека во 21 век да му се оспоруваат идентитетот и јазикот кому било едноставно е неевропски и неодржливо.
И сосема е во право. Но Ќучук веројатно истото ова треба јасно и гласно прво да им го каже на Софија и на Брисел. А додека чекаме Европа и нашиот источен сосед да се вратат на вистинскиот колосек и вистинските европски вредности, за Македонија е најдобро да си ја уреди и дефинира државата по исправен меѓународнопрано верификуван терк. А тоа е Македонија да се дефинира како национална држава на македонскиот народ и на другите малцинства што живеат во неа и ги уживаат сите загарантирани права. Па, и да не бидат донесени уставните измени! Барем пораката ќе биде јасно и гласно пратена во меѓународната и домашната јавност, педантно испратена, дека во оваа земја има мисловен и творечки капацитет да се има одржлива држава, создадена на темелот на историскиот стремеж и борба на македонскиот народ и на сите малцинства со чии заеднички сили се конституирала Македонија.