Номинално (зголемување на платите) наспроти реално (зголемување на животните трошоци)

Анализирањето на податоците што ги објавува Државниот завод за статистика го потврдува веќе воспоставениот факт за нискиот квалитет на животот во Македонија. Учеството на ставката храна (и безалкохолни пијалаци) во личната потрошувачка за просечно македонско семејство е со 51,5 отсто! Овој процент е во постојано зголемување во последните години, а во 2019 година изнесувал 43,1 отсто. Ова само значи дека и покрај номиналното зголемување на приходите на домаќинствата, парите сѐ повеќе се трошат за задоволување на основните животни потреби. Учеството на другите ставки во структурата на потрошувачката на едно домаќинство, како што се рекреација и култура, образование, е сведено на минимум и е со проценти во рамките на „статистичка грешка“… Поразително!

Начинот на решавањето на социјално-економските проблеми во земјата минатата недела беше меѓу главните теми на кои власта и опозицијата ги „вкрстија“ своите ставови, визии, политики и стратегии за подобрување на животниот стандард на населението. Повод за дополнителното вжештување на политичката атмосфера во земјата беше завршувањето на синдикално-владиниот дијалог, кој се оконча со постигнување на општиот колективен договор за пресметување на платите во јавниот сектор, како и измените на измените на Законот за облигациони односи и на Законот за извршување.
Владејачките партии го ставија носењето на овие два економски дукумента на своето позитивно конто. Нивното образложение беше дека со колективниот договор околу 130 илјади вработени од јавната администрација во иднина ќе добиваат повисоки плати и, како што беше нагласено, тоа ќе се прави врз утврдена методологија и повеќе нема да зависи од нечија политичка волја. Со вториот закон им се олеснува состојбата на повеќе граѓани, кои во изминатиот период се соочуваа со огромните камати за позајмените средства и за високите трошоци за извршување, кои ги оптоваруваа семејните буџети на илјадници граѓани во земјата. Од опозицијата се слушнаа вообичаените ставови за тоа дека донесените законски решенија се „задоцнети“ и „неадекватни“.
Донесувањето на законските решенија за зголемување на платите, според годишниот раст на трошоците на животот, како и со воспоставувањето „поправедни“ правила за враќањето на брзите кредити се прави во еден мошне напнат социјален, економски и политички момент. На овој начин, актуелната власт се обидува да ги намали тензиите во македонското општество, кои по појавата на енергетската криза се напластуваат сѐ повеќе, поради огромното незадоволство на вработените во јавната администрација од падот на животниот стандард. Заостанувањето на растот на платите зад порастот на трошоците за живот, како и селективниот пристап при одредувањето на процентот за зголемување на платите во Министерството за финансии и за функционерските плати за седумдесетина проценти, беше причина за верижните синдикални барања од секторските синдикални организации за повисоки плати. Впечатокот е дека мотивите на власта од носењето на ваквите законски решенија се пред сѐ политички, ако се има предвид целата слика на социоекономските и општествени односи во земјата.

Како прво, по завршувањето на сезоната на одмори, Македонија влегува во турбулентна политичка фаза на најавените уставни промени и евентуалното прелевање на работничкото незадоволтсво на улиците може(ше) да ги пролонгира на неопределено време. Вториот и уште посилен фактор што влијаеше на преголемото разбирање на власта кон синдикалните барања е што се наоѓаме во предизборна година, кога е потребен секој глас за добивање на довербата од „осиромашените“ гласачи.
Деновиве од ресорните министерства се даваат изјави со кои се манифестира еуфорично расположение од преземените законски решенија од областа на економијата. Како најголем „успех“ се потенцира вкупниот раст на платите од 54 отсто за вработените во образованието за последните пет години! Секако дека актуелните министри имаат добар повод да бидат задоволни од преземените чекори. Но прашањето е колку номиналното зголемување на платите може да влијае и на реално подобрување на општиот животен стандард на македонското просечно семејство? Анализирањето на податоците што ги објавува Државниот завод за статистика, преку анкета на потрошувачката на домаќинствата, го потврдува веќе воспоставениот факт за нискиот квалитет на животот во Македонија. Од анализата на употребата на средствата според намената на потрошувачката, по COICOP-класификацијата, учеството на личната потрошувачка во ставката храна (и безалкохолни пијалаци) за просечно македонско семејство учествува со 51,5 отсто. Овој процент е во постојано зголемување во последните години, а во 2019 година изнесувал 43,1 отсто. Ова значи дека и покрај номиналното зголемување на приходите на домаќинствата, тие сѐ повеќе даваат за задоволување на основните животни потреби. Овој процент е многу помал во развиените европски земји, што само ни кажува каде се наоѓаме на социјалната скала. Учеството на другите ставки во структурата на потрошувачката, како што се рекреација и култура, образование, е сведено на минимум и е со проценти во рамките на „статистичка“ грешка!

Има и други индикатори што го изразуваат напредокот на една земја во подобрување на општиот економски раст и стандард на населението. Постигнувањето на највисоката просечната месечна исплатена нето-плата по вработен не треба да претставува само номинална партиска цел, без реален одраз и на стандардот на граѓаните. И официјалните статистички анкети и секојдневните разговори со нашите сограѓани ни покажуваат дека продолжуваме да живееме „сиромашки“ живот и со историски највисоки плати, кои го надминаат прагот од 500 евра. Време е да ги симнеме „розовите“ очила и да ја согледаме реалната состојба каде се наоѓаме и, уште повеќе, каде сакаме да стигнеме. Има многу прашања на кои треба да се пронајде вистинскиот одговор. Без добро осмислени стратегии за поголем економски раст уште долго ќе бидеме меѓу земјите со најниски просечни плати во Западен Балкан и во Европа, а за многумина работници од реалниот сектор просечната „мајска“ плата од над 36 илјади денари ќе биде многу години недостижен сон.