Илинденски демонстрации

Ќе помисли некој дека и мојава колумна е преуранета, како и Илинденското востание. Но не е. Таа излегува на денот кога се одбележуваат 66 години од смртта на Методија Андонов-Ченто, учесник во илинденските демонстрации од 1940 година, а потоа дури и осуден на смрт поради барања да се изучува македонскиот јазик. Семејството сигурно ќе ја одбележи на свој тивок начин. Каква иронија на судбината е што неговиот внук Јане е во посебна состојба: обележен и осуден како терорист?! Дедо му осудуван и по логори во сите три режими, тој, пак, во овој „најдемократскиот“.
Но каде сме сите ние тука? Мојата генерација растеше во мрак и тишина кога стануваше збор за Ченто, но затоа, пак, како великани ги познававме и почитувавме неговите правно-партиски џелати. Дали посмртната рехабилитација значеше правда? (Имено, во 1990 година, по барање на неговиот син, судскиот процес е обновен, а пресудата од 1946 е укината откако обвинителот го повлекува обвинението како неодржливо.) Многу подоцна, во рамките на проектот „Скопје 2014 година“ му е подигнат и оној споменик на скопскиот плоштад, пред кој обично на Илинден се одржуваат некакви говоранции на политичките лидери. Ние минуваме покрај него, неретко и без да го загледаме. Дали е тоа доволно за да кажеме дека сме му се оддолжиле на овој храбар и принципиелен човек? Дали со восочната фигура, која го отсликува неговото заточеништво, во Музејот на македонската револуционерна борба сме ја исправиле неправдата и сме го извадиле од заборавот? (Музејот сè повеќе се користи за јавни настани, промоции и сл. отколку за прошетка низ минатото. Нејсе!) Дали ние, а особено нашите деца знаат нешто за него, повеќе од онаа флоскула за „првиот претседател на Македонија“? (Всушност, бил првиот претседател на Президиумот на АСНОМ.)

Ченто и сето она што го сторил за македонскиот народ и држава се сè уште табу-тема. И така и ќе останат сè додека во земјава владеат самомразечки автошовинизам, историски ревизионизам и македонофобија. Не би ме чудело еден ден и споменикот да го снема затоа што и тој, иако молкум, е „политички неподобен“. Што ако на некое младо дете му текне да се распраша и сфати зошто му било судено на Ченто? Зошто бил предмет на тортура и притисоци да се откаже од своите идеали? Проблемот, драги мои, е многу подлабок и поголем од ликот на Ченто: проблемот е во Македонското прашање (со големо М). Она историското, за кое партизаните помислиле дека е време да се реши еднаш засекогаш. Ако знаеме малку за Ченто, сигурно (погрешно мислиме) дека знаеме многу за АСНОМ – за вториот Илинден. Но и тоа е погрешно, бидејќи никогаш не сме ги читале и сериозно не сме ги сфаќале пораките на Манифестот и говорите на тогашните учесници. Панко Брашнаров ќе каже: „Во овој момент, во ова историско место ’Св. Отец Прохор Пчињски‘ и на овој историски ден – ИЛИНДЕН – кога објавуваме да е отворено Првото антифашистичко собрание на народното ослободуење на Македонија, душата ми е преполнета со радост и пред премрежните очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња и Вардар до Места и Бистрица, заплускујат е целата македонска земја, сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропаста на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава“. Манифестот, меѓу другото, прокламира: „Тргвајќи од вековните идеали на македонскиот народ, првото македонско Народно Собрание го прокламира пред цел свет своето праведно и неостапно сакање за обединение на целиот македонски народ на принципите на правото за самоопределување. Со това ќе се тури крај на робството на македонскиот народ во сите негови делови и ќе се создадат условија за искрена солидарност и мир между балканските народи… Македонци под Бугарија и Грција, обединението на целиот македонски народ зависи од вашето учестие во гигантскиот антифашистички фронт… Нека вашето учестие во свеопштата антифашиска борба им даде живот на принципите прокламирани на првото македонско Народно Собрание и нека ги збрише искуствените граници који разделија брат од брат, Македонец од Македонец“. (Патем, на заседанието на АСНОМ учествуваат претставници од сите делови на Македонија и гласаат за сите одлуки.)

„Гревот“ на Ченто бил што имал голем сон и завет, кој му го соопштил и на Тито во мај 1944 година, пред одржувањето на АСНОМ: обединета Македонија во состав на југословенската федерација. Таа идеја е всушност преточена во зборовите искажани за време на одржувањето на АСНОМ: сонот за конечно обединување на поделениот македонски народ. Во својата наивност и македонска самосвест не ги видел големата шаховска табла, геополитичките игри и тоа дека македонскиот сон ќе се реализира не само на еден дел од Македонија туку и под посебен режим што ќе го казнува секој оној што ќе размислува над ѕидовите и границите. Тој прв ја плаќа цената на македонството, кое морало да се сосече во корен во клучниот миг, за да не создава „проблеми“. Како што своевремено ќе заклучи една новинарка во текст посветен на Ченто, во 1946 година не му е судено нему, туку на АСНОМ. Оттогаш, идеалите на АСНОМ (и на илинденците) стануваат ограничени и сведени на она што било политички коректно. Нè учеа со генерации, а сега продолжуваат во ист стил дека битката била само и само во рамките на поранешната (југословенска) република или денешната Северџанија. Паметете ми го зборот или потсетете се на говорите на денешниве политичари по повод Илинден: сиот нивен репертоар се сведува на тоа дека нашите предци се бореле само во границите на денешната држава, а идеалите им биле НАТО и ЕУ.
Излезе дека Грците и нивните експерти многу подобро ги прочитале историските документи кога инсистираа на промена не само на името туку и на преамбулата на Уставот во делот што се однесува на АСНОМ – и тоа уште на почетокот на осамостојувањето, па до Преспа. Како во народната песна „Народе македонски“, „Не знаеш кој си, што си, други тебе знајат, срам голем је за тебе, сам да не се знаеш.“ Тоа е особено така откако државната елита капитулираше пред надворешниот и грчкиот притисок, па фактички го избриша АСНОМ од преамбулата на Уставот.
Денес, нешто слично прават и Бугарите, кои со секирата одат подлабоко – отаде АСНОМ, до Илинден, кој треба да се покаже како најголемо бугарско востание. А бидејќи ченто/вци нема (или се во затвор, па е опасно да се биде Ченто) и сега ќе ја сведнат главата пред навредливиот говор на омраза на Бујар Османи, кој се одзива на името министер за надворешни работи, кога вели дека македонски дијалекти нема надвор од границите на северната творевина.

А демонстрации – нема, иако е предилинденско време. Не се знае ни кој и како ќе го одбележи големиот јубилеј – 120 години од нашиот најголем државотворен симбол и празник. Некако незгодно им паѓа, непријатно, пред Вајмарци и други министри и амбасадори. Ченто знаел да му возврати остро на еден Темпо и да му каже каде му е местото, а денешниве се поклонуваат пред бирократи и министри на туѓи држави. Не дека им се заканува зандана, туку од страв дека нема да седнат (или да ги задржат) фотелјите… Власта им е послатка од сè, па и од историската вистината, каква и да е таа.
Да не бидам сфатена погрешно: мислам дека сонот за обединета Македонија веќе не е возможен, дури ни како сон. Поделени, отуѓени и раскарани братучеди се подготвени да се фатат за гуша при делба/одбрана на семеен имот, зборуваат на различни јазици, па не се ни среќаваат. Она што ме боли најмногу е што овој наш асномски Пиемонт (како што пишува во Манифестот од 1944) се распаѓа пред наши очи како кула од карти пред налетот на неединството, лакомоста за власт, стравот да се биде Македонец (викај ме стомна, ама не крши ме), неспособност да се посочи со прст кон сите оние што нè толчат, ограбуваат, одродуваат, превоспитуваат. Денес никој не е подготвен да оди во затвор за своите идеали (за Уставот на пример) – освен Ченто. Јане. И неколкумина што лежат в затвор, додека амнестираните не знаат за доста.