Втор заврши Индиецот Прагнанада, а трет Французинот Алиреза
Актуелниот светски првак Магнус Карлсен победи на шестиот турнир од годинашната серија на шампионите во забрзан шах „Крипто-куп “, кој се играше во Мајами (САД), со што го повтори успехот од лани. Во конкуренција на осум шахисти, се играа по четири партии (со темпо од 15 минути по играч, плус 10 секунди за секој потег), а ако беше нерешено, следуваа дополнителни партии со брзо темпо (пет минути, плус три секунди по играч). Норвежанецот (2.822 рејтинг-поени), кој лани триумфира во оваа серија, освои вкупно 16 бода, еден повеќе од второпласираниот, младиот Индиец Рамешбабу Прагнананда (2.751), кој во последниот дуел, по нерешените 2-2 со Карлсен, ги доби дополнителните две партии, но тоа не беше доволно за првото место, оти освои два бода, а Карлсен еден. Трет е талентираниот Французин Алиреза Фирузја (2.793), кој имаше ист број бодови (15) како и Прагнанада, но поради директниот пораз во првото коло од Индиецот, сепак, заврши на третата позиција. Виетнамецот Лием Ле (2.775) е четврти (12), Полјакот Јан-Кшиштоф Дуда (2.792) петти (11), Американецот Левон Аронијан (2.795) шести (8), Холанѓанецот Аниш Гири (2.783) седми (7), додека последен е Американецот Ханс Нимен (2.615), кој не освои ни еден поен. До крајот на оваа серија, на која досега настапиле вкупно 37 шахисти, остануваат уште три турнири, а во водство е Карлсен, пред Дуда и Прагнанада.
Турнејата на шампионите е серија на девет турнири, на кои учествуваат некои од најдобрите светски играчи, за награден фонд од 1,6 милион долари, а започна на 19 февруари и ќе трае до 20 ноември годинава. Досега Карлсен победи на првиот, на вториот и сега на шестиот турнир. Дуда славеше на третиот, Кинезот Динг Лирен на четвртиот, а Аронијан на петтиот.
Резултати последно, 7. коло: Карлсен – Прагнанада 2-4, Фирузја – Аронијан 2,5-1,5, Дуда – Гири 2,5-0,5, Ле – Нимен 2,5-1,5. Г.И.