Карлсен (лево) кога ја загуби партијата од Ниман

ШАХ – ПО ПОСЛЕДНИТЕ ЗБИДНУВАЊА НА ТУРНИРИТЕ ВО СИНКФИЛД И КУПОТ НА ГЕНЕРАЦИЈАТА

ФИДЕ е подготвена да ја задолжи својата комисија за ферплеј со темелна истрага за инцидентот кога ќе се обезбедат соодветни првични докази и сите инволвирани страни ќе ги откријат информациите со кои располагаат, вели претседателот на ФИДЕ, Дворкович

По убедливата победа на Купот на генерацијата, светскиот првак, Норвежанецот Магнус Карлсен, се јави во јавноста со официјална изјава во врска со неговото повлекување од турнирот во Синкфилд (САД) и предавањето на партијата само по еден одигран потег против ВМ од САД, Ханс Ниман, на Турнирот на генерацијата, за кого смета дека мамел во текот на партијата.
– Знам дека моите постапки фрустрираа многумина во шаховскиот свет, па и мене самиот. Верувам дека мамењето во шахот е голема работа и егзистенцијална закана за играта. Верувам и дека организаторите на турнирите треба сериозно да размислат за зголемување на безбедносните мерки и методи за откривање измами во шахот на табла. Кога Ниман беше поканет во последен момент на турнирот во Синкфилд, многу размислував да се повлечам, но на крајот решив да играм. Верувам дека Ниман мамел повеќепати и во поново време, отколку што јавно призна. Во текот на нашата партија во Синкфилд, имав впечаток дека тој не беше напнат, па дури и целосно концентриран на играта во критичните позиции, додека ме надигра со црни фигури на начин на кој само мал број играчи можат да го направат тоа. Мора да направиме нешто во врска со мамењето, не сакам да играм против луѓе што постојано мамеле во минатото, оти не знам што се способни да направат во иднина. Досега можев да зборувам само за моите постапки, а тие јасно кажаа дека не сум подготвен да играм шах со Ниман. Се надевам дека вистината за ова прашање ќе излезе на виделина, каква и да е – напиша Карлсен во официјалното соопштение упатено до јавноста.

Во врска со последните збиднувања се огласи и претседателот на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), Аркадиј Дворкович.
– И купот Синкфилд и Турнирот на генерацијата не беа во организација на ФИДЕ, но, сепак, како светско раководно тело во шахот, наша должност е да ги заштитиме интегритетот на играта и нејзиниот имиџ, односно да направиме и чекор напред. Најпрво, ние како ФИДЕ силно веруваме дека светскиот првак има морална одговорност поврзана со неговиот статус, бидејќи тој се смета за глобален амбасадор на играта. Неговите постапки влијаат на угледот на неговите колеги на спортските резултати и, на крајот, може да бидат штетни за нашата игра. Силно веруваме дека има подобри начини да се справиме со оваа ситуација. Во исто време, ја споделуваме неговата длабока загриженост за штетата што мамењето му ја носи на шахот. ФИДЕ ја води борбата против мамењето долги години, а ние ја повторуваме нашата политика на нулта толеранција кон мамењето во која било форма. Ние сме силно посветени на оваа борба и инвестиравме во формирање група специјалисти за осмислување софистицирани превентивни мерки, кои веќе се применуваат на врвните настани на ФИДЕ. Исто така повикуваме на зајакнување на соработката помеѓу големите онлајн платформи, приватните турнири и врвните играчи, од кои повеќето веќе ја изразија својата волја да ги здружат напорите со ФИДЕ.

ФИДЕ е подготвена да ја задолжи својата комисија за ферплеј со темелна истрага за инцидентот, кога ќе се обезбедат соодветни првични докази и сите инволвирани страни ќе ги откријат информациите со кои располагаат. Предлагам да организираме посветен панел, во кој ќе бидат вклучени претставници на водечките шаховски платформи, велемајстори, експерти против мамење и официјални лица на ФИДЕ, за да се бориме со овој ризик и да спречиме тој да стане вистинска чума – се вели во соопштението на ФИДЕ, потпишано од претседателот Дворкович. Г.И.