Фото: ЕПА

ТЕНИС

Привлечниот полуфинален дуел на годинашниот тениски гранслем-турнир Ролан Гарос во Париз, помеѓу Карлос Алкараз и Новак Ѓоковиќ, ќе има и повеќе значење од пласман во финалето на турнирот. Утрешниот меч би можел да одлучи кој ќе го напушти Париз како светски број еден на АТП-ранг листата.

Ако Алкараз го победи Ѓоковиќ, тој ќе ја зацврсти својата позиција како светски број еден на 12 јуни, а ако победи Ѓоковиќ, тој со уште една победа ќе биде рекордер според бројот на гранслем-титули во светот (вкупно 23) и ќе се врати в понеделник на позицијата број еден, пишува АТП.

Доколку Алкараз го освои Ролан Гарос, тој ќе си замине од Париз со 2.140 поени предност пред Ѓоковиќ. Ако, пак, Ѓоковиќ го освои третиот трофеј на Ролан Гарос, тој ќе биде пред Алкараз со 420 поени разлика. Ниту еден играч од другата половина од ждрепката нема можност да се искачи на врвот по овој турнир, но Холгер Руне и Каспер Руд, кои се на позицијата пет, односно шест на АТП-рангирањето во живо, имаат шанса да напредуваат до четвртата позиција.

Ѓоковиќ се пласира во своето 45-то полуфинале на гранслем-турнирите откако во четврт-финалето го совлада Карен Хачанов со 4-6, 7-6, 6-2, 6-4. Алкараз, пак, го надигра Стефанос Циципас со 6-2, 6-1, 7-6. Вчера во четвртфиналните дуели играа Александар Зверев – Томас Мартин Ечевери и Холгер Руне – Каспер Руд.

Кај тенисерките, во полуфиналето на Ролан Гарос се пласираа Арина Сабаленка и Каролина Мухова, а вчера се играа двете преостанати четврт-финални дуели Ига Швојнтек – Коко Гоф и Хадад Маиа – Онс Жабер. Г.И.