Со слетување на првиот авион на авиокомпанијата „Аустриан ерлајнс“ со 154 патници, од денеска на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, и официјално е воспоставена новата авиолинија Виена – Охрид.
Со новата сезонска линија што ќе сообраќа двапати неделно во четврток и недела, до 18 октомври, Охрид ќе има директна авионска поврзаност со австриската престолнина, а со тоа и подобри конекциии преку Виена како еден од најзначајните европски воздухопловни центри.
На свеченото одбележување на првиот лет, претставници на „ТАВ Македонија“ посочија дека новата линија ќе придонесе за развојот на туризмот во охридскиот регион, но и за унапредување на економската и сообраќајната поврзаност на земјава.
Генералниот директор, Неџат Курт, изјави дека се очекува линијата да донесе околу пет илјади дојдовни патници, нагласувајќи дека преку Виена патниците од Охрид ќе имаат можност за побрзи и поефикасни конекции до бројни европски и светски дестинации.
– Оваа авиолинија ќе донесе придобивки не само за аеродромот, туку и за туризмот, локалната економија и за нашите сограѓани што живеат и работат во странство. Нашата цел е континуирано да ја подобруваме поврзаноста на земјата и да создаваме услови за раст на патничкиот сообраќај – изјави Курт.
Од „Аустриан ерлајнс“ посочија дека отворањето на линијата до Охрид претставува проширување на присуството на компанијата во земјава, по три децении летање до Скопје, и оценуваат дека Охрид станува се попривлечна дестинација за патници од целиот свет.
Заменик-шефот на мисијата на Австриската амбасада во земјава, Матијас Хуменбергер, оцени дека новата линија ќе придонесе за зајакнување на врските меѓу двете земји, преку поттикнување на туризмот, деловната соработка и културната размена.
Линијата Виена – Охрид е втора авиолинија воведена на охридскиот аеродром од почетокот на месецов. Претходно беа воспоставени и летови од Вроцлав и Катовице, а во летниот ред на летање од аеродромот „Св. Апостол Павле“ се предвидени летови до вкупно 17 дестинации.































