Од наш агол
Во јавноста често се слуша дека правдата што доаѓа предоцна е половична правда. Да речеме дека тоа е точно. Но уште поопасно е кога неправдата никогаш не би била исправена. Тогаш државата испраќа порака дека законите важат само додека некој е доволно моќен да ги заобиколи.
Токму затоа одлуката на Уставниот суд за укинување на одлуката на Советот на Општина Тетово од 2007 година има значење што далеку ги надминува имињата на улиците и плоштадите. И покрај политичките притисоци и политикантските калкулации од носителите на највисоката државна и локална власт во тоа време, кои инспирирани од идеите за де факто и де јуре сепарација, на територии, нивна регионализација и водени од етноцентрични и шовинистички мотиви, а охрабрени од дадениот легитимитет за нив од некои од „големите“ во меѓународната заедница, тие ја продолжија војната не како агресори, туку одвнатре, вградени во институциите на системот, со практикување на истиот лајтмотив како со предизвиканиот воен судир.
Токму затоа одлуката на Уставниот суд за укинување на одлуката на Советот на Општина Тетово од 2007 и нејзината суштина е во принципот дека „ниту една институција, ниту една локална власт, ниту едно политичко мнозинство не може да биде над Уставот и законите“!
Две децении беа потребни за институциите да утврдат дека една одлука била донесена спротивно на законските процедури?! Тоа не е причина за славење на бавноста на системот. Но е причина за поздравување на фактот дека системот сепак проработува!
Правната држава не се мери според тоа колку брзо ќе ја исправи грешката, туку според тоа дали има институции што се подготвени да ја исправат. Одлуката на Уставниот суд покажува дека законитоста може да биде одложена, но не смее да биде трајно поразена.
Македонија со години силно се соочуваше, па и сѐ уште, со сериозен дефицит од правна сигурност. Граѓаните премногу често сведочат на случаи во кои политичката волја се обидува да стане поважна од правниот поредок. Токму затоа секоја институционална победа на Уставот над самоволието претставува инвестиција во довербата на јавноста.
Во суштина, оваа одлука на Уставниот суд отвора едно многу пошироко прашање. Имено, тоа е каква држава сакаме да изградиме.
Држава во која законите се толкуваат според дневнополитичките потреби или држава во која правилата важат еднакво за сите?
Одговорот треба да биде недвосмислен. Ако Македонија сака да стане вистинска (европска) функционална држава, тогаш Уставот мора да биде над политиката, правото над моменталната власт, а институциите над партиските интереси.
Во таа смисла, случајот „Тетово“ ќе остане запаметен не само како спор околу имиња на улици туку како потсетник дека државата почнува таму каде што завршува самоволието и каде што започнува владеењето на правото. Уставниот суд го пробива деценискиот мраз на противуставноста и противзаконитоста. Тој штотуку почна. Р.Н.М.


































