Интервју со претседателот на Македонското друштво „Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај, по повод организацијата на 29. семинар на Работната група на словенските малцинства во Европа (АГСМ)
- Со претседателот на Македонското друштво „Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај, разговараме за значењето на 29. семинар на Работната група на словенските малцинства во Европа (АГСМ), како и за македонското национално малцинство во Албанија, улогата на друштвото во рамките на ФУЕН и предизвиците со кои се соочуваат Македонците во Албанија денес
Во Тирана, од 4 до 7 јуни, се одржа 29. семинар на Работната група на словенските малцинства во Европа (АГСМ), организиран од Федералната унија на европските националности (ФУЕН) и Македонското друштво „Илинден“-Тирана. Настанот се совпадна со јубилејот – 30 години постоење на АГСМ, додека за првпат во историјата на малцинствата во Албанија токму Македонците беа домаќини на ваква европска средба. Семинарот обедини претставници од 20 организации и 11 држави, создавајќи простор за размена на искуства, зајакнување на соработката и афирмација на културниот и јазичниот идентитет на македонското национално малцинство во Албанија. Заедно со симболичната вредност, настанот имаше и практично значење – европските институции и организации го насочија вниманието кон положбата на Македонците, особено во сферата на образованието на мајчин јазик, зачувувањето на културното наследство и рамноправното учество во општествениот живот. По повод овој значаен настан, разговараме со Никола Ѓурѓај, претседател на Македонското друштво „Илинден“-Тирана, за значењето на 29. семинар на АГСМ за македонското национално малцинство во Албанија, улогата на друштвото во рамките на ФУЕН и предизвиците со кои Македонците во Албанија се соочуваат денес.
Какво значење има 29. семинар на АГСМ за македонското национално малцинство во Албанија?
– Пред точно 11 години Македонското друштво „Илинден“-Тирана испиша историја, станувајќи првото здружение од Република Албанија што беше примено како рамноправен член на Федералната унија на европски националности (ФУЕН). За нас тоа претставува исклучително значаен момент, не само за друштвото туку и за македонското национално малцинство во Република Албанија и за самата држава. Особено сме горди што годинава првпат во историјата на малцинствата во Република Албанија бевме организатори на 29. семинар на Работната група на словенските малцинства во Европа, во организација на Федералната унија на европски националности (ФУЕН) и што Македонското друштво „Илинден“-Тирана во исто време славеше 30 години на Работната група на словенските малцинства (АГСМ) при Федералната унија на европски националности (ФУЕН). Овој семинар има големо значење за македонското национално малцинство во Република Албанија, бидејќи претставува важна можност за промоција на нашиот идентитет, култура и права на европско ниво. Одржувањето на настанот во Тирана овозможи вниманието на европските организации и институции да се насочи кон положбата на Македонците, особено во областа на образованието на мајчин јазик, зачувувањето на културното наследство и рамноправното учество во општествениот живот. За нас, овој настан има и силна симболична вредност. Тој потврдува дека Македонското друштво „Илинден“-Тирана е активен дел од европските процеси за заштита на националните малцинства и претставува чекор напред кон поголема видливост, посилна институционална поддршка и понатамошно унапредување на правата и положбата на Македонците во Република Албанија.
Како ја оценувате улогата на Македонското друштво „Илинден“-Тирана во рамките на ФУЕН, 11 години по неговото членство?
– Оваа година се навршуваат единаесет години од приемот на Македонското друштво „Илинден“-Тирана во Федералната унија на европските националности (ФУЕН), најголемата и највлијателна организација што ги застапува правата и интересите на националните малцинства во Европа. На 15 мај 2015 година, на конгресот на Федералната унија на европските националности (ФУЕН) одржан во Комотини, Грција, Македонското друштво „Илинден“-Тирана беше примено како рамноправен член, со што стана првата организација од Република Албанија, која доби членство во оваа значајна европска институција. Во изминатите единаесет години Македонското друштво „Илинден“-Тирана даде значаен придонес во афирмацијата и заштитата на правата на Македонците во Република Албанија. Преку своето активно дејствување, друштвото континуирано работи на зачувување на етничкиот, јазичниот и културниот идентитет на Македонците, како и на негување на нивните национални традиции и културно наследство.
Особено е значајно тоа што претставниците на друштвото редовно учествуваа на сите конгреси на ФУЕН, каде што активно ги претставуваа интересите и потребите на македонското национално малцинство во Албанија. Во текот на овој период беа поднесени повеќе резолуции посветени на подобрување на положбата на Македонците во земјата, кои добија поддршка и беа усвоени од страна на ФУЕН. Усвоените резолуции беа доставени до надлежните државни институции на Република Албанија, како и до релевантни меѓународни организации и институции што се занимаваат со заштита на малцинските права. На тој начин беше овозможено прашањата поврзани со македонското национално малцинство да добијат поширока меѓународна видливост и поддршка. Како рамноправен член на ФУЕН и активен учесник во Работната група на словенските малцинства, Македонското друштво „Илинден“-Тирана успешно го отвора и застапува прашањето за правата и положбата на Македонците во Република Албанија на европско и меѓународно ниво.
Кои предизвици ги има македонското малцинство во Албанија денес и како се справува со нив?
– Секогаш постојат проблеми, почнувајќи од економски, социјални и серија други проблеми. Слободно можеме да кажеме дека за Македонците во Република Албанија најголем проблем е немањето право на образование на македонски мајчин јазик во областите Голо Брдо и Гора, како и во поголемите градови, како Тирана, Елбасан, Корча, Билиште, Поградец. За жал, само во Мала Преспа македонските деца учат на мајчин јазик, и тоа само во основно и средно образование. Уште еден хендикеп за македонските ученици е тоа што во Тирана нема катедра по македонски јазик, има само лекторат по барањето на Македонското друштво „Илинден“-Тирана, каде што младите Македонци во Република Албанија ќе имаат можност да продолжат со образование. Друг голем проблем за Македонците во Голо Брдо е работното време на граничниот премин Џепиште-Требиште, кој беше отворен во мај 2013 година. Владите на Република Македонија и на Република Албанија, на заедничката седница одржана во Поградец, на 15 декември 2017 година донесоа одлука граничниот премин Џепиште -Требиште да работи 24 часа. И покрај тоа, оттогаш до денес преминот не работи 24 часа, туку со редуцирано работно време. Во неколку наврати, ние како друштво баравме овој граничен премин да работи 24 часа поради потребите на граѓаните од двете страни на границата. Покрај тоа, голем проблем за Македонците во областите Голо Брдо, Гора и Мала Преспа претставува патната инфраструктура, што е главна причина за слабиот економски развој на овие области населени со македонско население. Во катастрофална состојба е и здравствената заштита во населените места, бидејќи или нема објекти за таа намена или се во исклучително лоша состојба.
Недозволиво е во 21 век Македонците во Република Албанија да бидат изложени на притисоци, манипулации и оспорување на нивниот национален идентитет, од страна на Бугарија, земја членка на Европската Унија. Време е Владата на Албанија да го зајакне своето присуство и да инвестира повеќе во регионите Голо Брдо, Мала Преспа, Гора и Врбник, каде што живее македонско население. Тоа би бил јасен сигнал дека Македонците во Република Албанија се рамноправен дел од државата и дека нивните права, култура и идентитет ќе бидат заштитени и гарантирани.
Истовремено, секој обид за притисок врз луѓето да се изјаснуваат спротивно на сопственото национално чувство е неприфатлив. Заштитата на правата на сите граѓани, вклучувајќи ги и Македонците што слободно се идентификуваат како такви, треба да биде обврска на институциите на Албанија, државата во која живеат.
Како може ваквите средби да придонесат за зачувување на јазикот, културното наследство и идентитетот на Македонците во Албанија?
– Дваесет и деветтиот семинар на Работната група на словенските малцинства во Европа, во организација на Федералната унија на европски националности (ФУЕН), и Македонското друштво „Илинден“-Тирана имаат големо значење за зачувувањето на македонскиот јазик, културното наследство и идентитетот на Македонците во Република Албанија. Тие создаваат можност за негување и користење на мајчиниот јазик, како и за пренесување на традициите, обичаите, народните песни и ора. Преку ваквите настани се зајакнува чувството на припадност кон заедницата и се поттикнува почитувањето на сопствените корени и културни вредности. Воедно, тие овозможуваат размена на искуства, соработка меѓу различни организации и поголема видливост на Македонците на меѓународен план, што придонесува за зачувување и афирмација на нивниот идентитет во мултикултурното општество.


































