Фото: Илустрација/ Пекселс

Русија ослободила 24 филипински државјани кои со месеци биле задржани без обвинение во сибирскиот град Јакутск, соопштија филипинските власти.

Филипинците се ослободени откако претседателот на Филипините, Фердинанд Маркос, ја изразил својата загриженост за нивната состојба на средбата со рускиот претседател Владимир Путин.

Сите 24 лица пристигнале во Манила со два лета рано утринава, а првата група ја пречекала министерката за надворешни работи, Тереза Лазаро, која го придружуваше Маркос на разговорите со Путин во средата во рускиот град Казан.

По билатералната средба со Путин, Маркос им изјавил на новинарите дека ја покренал темата за филипинските државјани, кои околу девет месеци биле притворени во Јакутск во источен Сибир, без да биде покренато какво било обвинение против нив.

Филипинските власти изразиле сомнеж дека нивните државјани можеби биле жртви на нелегално регрутирање за работа и дека биле приведени во Русија поради можно прекршување на имиграциските закони.

Путин, според Маркос, рекол дека не бил запознаен со случајот, но ветил дека ќе го испита.

Маркос изјави и дека, според информациите што ги добил од Путин, филипинските државјани не биле обвинети за никакво незаконско дело.

Филипинската делегација потоа добила известување од руските власти дека Филипинците веднаш ќе бидат депортирани назад во Манила, рече Маркос.

Според филипинскиот амбасадор во Москва, Игор Бајлен, околу 15 илјади Филипинци живеат и работат низ Русија.