ИСТОРИСКИ УСПЕХ ЗА МАКЕДОНСКИОТ КАЈАК НА ДИВИ ВОДИ
- Ова не е само уште еден пласман туку потврда дека Македонија има млад и квалитетен натпреварувач што може да се носи со најдобрите европски кајакари, вели Љубомир Спасиќ, член на ИО на КФМ, тренер и селектор за кајак на диви води (спуст)
Македонскиот кајак испиша нова значајна страница на Европското првенство (ЕП) за јуниори во кајак на диви води (спуст), во Грандтули (Шкотска). Младиот Благој Гугинов го освои деветтото место на Европското првенство (ЕП) за јуниори во кајак на диви води во Грандтули (Шкотска), постигнувајќи еден од најдобрите резултати за македонски претставник на едно ЕП. Гугинов прво обезбеди место во големото финале, каде што настапија 15-те најдобрoпласирани од квалификациите, а во финалната трка заврши деветти.
– Презадоволен сум и горд од постигнатиот успех на Гугинов. Деветтото место во Европа во јуниорска конкуренција е резултат што има голема тежина, особено ако се знае дека на ЕП во Шкотска настапија натпреварувачи од 19 нации, а во неговата категорија во квалификациите настапија 39 кајакари. Само најдобрите 15 од квалификациите продолжија во финалето, а Благој во квалификациите беше второпласиран. Во финалната трка, во мошне силна конкуренција го освои деветтото место, што за македонскиот кајак е многу значаен резултат. За мене, ова не е само уште еден пласман туку потврда дека Македонија има млад и квалитетен натпреварувач што може да се носи со најдобрите европски кајакари – ни изјави Љубомир Спасиќ, кој е член на ИО на Кајакарската федерација на Македонија (КФМ), тренер и селектор за кајак на диви води (спуст), како и член во Комитетот за дива вода (спуст) во Европската асоцијација.
Благој има 17 години и е член на ККК Арка-Борец од Велес, каде што тренира. Неговиот потенцијал го потврди и на ланските и на годинашните меѓународни натпревари. На СП во Бања Лука (БиХ), во сениорска конкуренција заврши 20-ти од 72 кајакари, што е уште еден показател дека станува збор за натпреварувач со сериозен потенцијал.
– Доколку овие млади спортисти имаат барем малку поголема и посериозна поддршка од државата и од федерацијата, убеден сум дека во блиска иднина Македонија може да се радува и на европски и светски медали. Потенцијалот постои, но за врвен резултат се потребни континуирани тренинзи, квалитетна опрема, подготовки, настапи на меѓународни трки и, пред сѐ, системска финансиска поддршка. Кајакот на диви води е спорт во кој разликите меѓу најдобрите натпреварувачи често се мерат во секунди и стотинки. Не можеме да очекуваме медали само со ентузијазам и лични средства. На овие момчиња и девојки им требаат услови за работа и можност рамноправно да се подготвуваат со европската конкуренцијата – вели Спасиќ
Овој успех, секако значи нова генерација, нов успех, нова историја за македонскиот кајак на диви води.
– Верувам дека деветтото место на ЕП е само едно од скалилата кон нешто многу поголемо. Благој е млад, има огромен простор за напредок и со правилна работа и поддршка, верувам дека може да се бори и за највисоки пласмани. Како тренер што директно работи со овие натпреварувачи, ќе кажам дека сум исклучително горд што Благој со својата работа, дисциплина и борбеност го донесе македонскиот кајак во топ 10 во Европа. Овој резултат треба да биде мотив за сите нас да вложуваме уште повеќе во младите. Медалот не е далеку, потребни се само услови, континуитет и поддршка, дециден е Спасиќ. Г.И.
































