Златниот медал го освои Германецот Ричард Рингер, со време од 2:10,21 часа

Најдобриот македонски атлетичар, Дарио Ивановски, не ја заврши маратонската трка на Европското првенство (ЕП) што се одржува во Минхен, Германија. Причина за неговото откажување, како и на други 17 маратонци од 79-те стартери, беше топлото време поради почетокот на трката во 11.30 часот!
Нов европски првак во маратон е Германецот Ричард Рингер, со време од 2:10,21 часа, кој во спринтерски финиш, бодрен од домашната публика на Олимпискиот стадион, го мина Израелецот Мару Тефери, кој зад него задоцни само две секунди.
Во женската маратонска трка, титулата ја освои Александра Лисовска од Полска (2:28,36 часа). Среброто ѝ припадна на Матеа Парлов-Коштро (2:28,42 часа), која е првата освојувачка на медал во маратон за Хрватска. Таа е роднина на прославениот југословенски боксер Мате Парлов, освојувачот на многу медали од најголемите европски и светски натпреварувања. Парлов-Коштро, која е рекордерка на Хрватска во дисциплините 2.000 метри стиплчез, на 3.000 метри и на 10 км, им се придружи на Сандра Перковиќ, на Бланка Влашиќ и на Сара Колак, кои освојувале медали за Хрватка на големи атлетски натпреварувања.
Во трката на 10 км за жени победи Турчинката по потекло од Кенија, Јасмин Чан (30:32,57 минути), шампионка во 2016 година.
Л.Д.