Фото: МИА

Град Скопје и Сојузот на спортови на Скопје денеска на пригодна свеченост им доделија награди на најуспешните спортисти за 2022 година во сениорска и младинска категорија, како и за најуспешен тренер, најуспешна спортска екипа, најуспешен спортист во категорија на лица со инвалидност и најуспешен спортист-странец кој настапува за екипа од Скопје.

Во сениорска категорија во изборот на десет најуспешни спортисти во машка и женска конкуренција, првото место го поделија Бобан Илиоски од кик бокс клубот Шампион и Дејан Георгиевски од таеквондо клубот Бутел.

Награди им беа доделени и на Филип Додевски од таеквондо клубот Бутел, Викторија Варадинова од кик бокс клубот Шампион, Петар Спасеновски и Ангела Мојсовска од карате клубот Макпетрол, Мери Акиевска од фитнес и аеробик клуб Магнус, Дарио Ивановски и Адријана Поп Арсова од маратон клубот Делта и Вероника Костовска од карате клубот Олимпик 2007.

Награди за десет најуспешни млади спортисти во машка и женска категорија добија Стефан Стојановиќ, Витомир Трајковски и Марија Петровска од карате клуб Макпетрол, Омер Мемеди и Бесир Алили од боречкиот клуб Лирија 2010, Нелсон Узеир од кик бокс клубот Шампион, Калин Ивановски од тенискиот клуб Југ, Дарко Георгиевски од таеквондо клубот Бутел, Магдалена Станковска од триатлон клубот Триоги Рејсинг и Александра Симева од тенискиот клуб МТП.

Наградата за најуспешен тренер отиде во рацете на Дејан Митровски од кик бокс клубот Шампион, додека наградата за најуспешна екипа ја освои карате клубот Макпетрол.

Во категоријата за најуспешен спортист-странец кој настапува во екипа од Скопје наградата ја доби Сандеј Адетунџи од фудбалскиот клуб Шкупи.

На Андреј Стојановски од „Сојуз за спорт и рекреација на инвалиди на Кисела Вода“ му беше доделена наградата за најуспешен спортист во категорија на лица со инвалидност.