Фото: ЕПА

ТЕНИС – ГРАНСЛЕМ-ТУРНИР САД ОПЕН

Ѓоковиќ, кој е рекордер со 23 гранслем-титули, ја забележа 250-та победа на гранслем-турнирите против првите десет играчи, четврта година има најмалку 25 триумфи на четирите најпрестижни турнири во светот и 47. пат се пласира во полуфинале на гранслем-турнирите

Новак Ѓоковиќ се пласира во полуфиналето на тенискиот гранслем-турнир САД опен, вреден 65 милиони долари, откако во четвртфиналниот меч на стадионот „Артур Еш“ го победи моментно деветтиот играч во светот, Американецот Тејлор Фриц со 6-1, 6-4, 6-4.
Ѓоковиќ, кој освои рекордни 23 гранслем-титули во досегашната кариера, зголеми друг рекорд со 250-та победа на гранслем-турнирите против првите десет играчи, а наедно ова му е и четврта година во која има најмалку 25 триумфи на четирите најпрестижни турнири во светот (претходно во 2011, 2015 и во 2021 година).
Со тоа Србинот Ѓоковиќ го надмина и рекордот на Швајцарецот Роже Федерер според бројот на полуфиналиња на гранслем-турнирите, па Ѓоковиќ сега 47. пат ќе игра во полуфиналето на најголемите турнири.

Во полуфиналето ривал ќе му биде младиот Американец Бен Шелтон, кој го победи сонародникот Френсис Тиафо со 6-2, 3-6, 7-6, 6-2. Другите двајца полуфиналисти беа познати утринава, по мечевите Данил Медведев – Андреј Рублев и Карлос Алкараз – Александер Зверев.

Кај тенисерките Каролина Мухова од Чешка се пласира во полуфиналето откако за 98 минути игра ја совлада Романката Сорана Кирсте (30-та во светот) со 6-0, 6-3 и ќе се сретне со Американката Коко Гоф, која, пак, беше подобра од Летонката Јелена Остапенко со 6-0, 6-2. За Мухова ова ќе биде прво полуфинале на овој турнир. Во преостанатите два четвртфинални дуела вчера играа Медисон Кис – Маркета Вондроушова и Арина Сабаленка – Чинвен Женг. Г.И.