Новак Ѓоковиќ е депортиран од Австралија. Во придружба на австралиската гранична полиција, тој денеска се качи на летот што требаше да појде од Мелбурн за Дубаи во 12.30 часот и полета со мало задоцнување, јавуваат светските агенции.

Српскиот тенисер по 11-дена правна борба ја напушти Австралија, која ја загуби. Половина час пред летот на социјалните мрежи се појавија првите фотографии од Ѓоковиќ по судската одлука за депортација.

Снимен е на аеродромот во Мелбурн во друштво на Горан Иванишевиќ и други луѓе кои се грижат за неговата кариера. Ѓоковиќ, според медиумите во регионот, од Австралија ќе лета за Дубаи, каде што потоа ќе се префрли на лет за Белград, а утре претпладне го очекуваат во Србија.

Во новинарските написи се потсетува дека австралискиот федерален суд денеска пресуди против Новак Ѓоковиќ во случајот против австралискиот министер за имиграција Алекс Хоук. Најдобриот светски тенисер пристигна во Австралија со цел да учествува на првиот гранслем-турнир сезонава, со медицинско ослободување од вакцинација. Прво му беше одбиена визата, а потоа ја доби по жалбата на суд. Потоа, Хоук му ја откажа визата и двете страни повторно завршија на суд.

Со денешната судска одлука, Ѓоковиќ ќе остане без настап на турнирот кој го освои рекордни деветпати, односно без шанса да го освои рекордниот 21-ви гранслем-трофеј во кариерата и на тој начин да им побегне на најголемите ривал Роже Федерер и Рафаел Надал кои имаат и по 20 трофеи од најголемите турнири.