Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ преку социјалните мрежи соопшти дека ќе настапи на претстојниот гранслем-турнир Австралија опен, објавувајќи дека се подготвува за пат кон Мелбурн.
Тој истакна дека добил медицински исклучок за влез во Австралија и без примени две дози вакцина против ковид-19, со што ќе добие прилика да го брани трофејот во Мелбурн.
Happy New Year! Wishing you all health, love & joy in every moment & may you feel love & respect towards all beings on this wonderful planet.
I’ve spent fantastic quality time with loved ones over break & today I’m heading Down Under with an exemption permission. Let’s go 2022! pic.twitter.com/e688iSO2d4
— Novak Djokovic (@DjokerNole) January 4, 2022
Ѓоковиќ досега упорно одбиваше да открие дали примил вакцина против ковид-19 повикувајќи се на слободата на избор.
– Мислам дека слободата за избор е основна за секого, за мене или за било кој друг. Не е важно дали се работи за вакцинација или за нешто друго во животот. Треба да имаш избор во животот, во овој случај, што ќе ставиш во твоето тело – кажа во неодамнешно интервју 34-годишниот Србин.
Ставовите на првиот светски рекет за задолжителната вакцинација претходно предизвикаа големо внимание во светската јавност.
– Лично сум против вакцинацијата и не би сакал да бидам принуден од некого да примам вакцина за да патувам. Што ќе се случи ако стане задолжително? Ќе треба да донесам одлука – кажа Ѓоковиќ минатиот април, за време на разговор во живо преку апликацијата за видеоповици Зум со повеќемина негови колеги од белиот спорт.
Многумина се прашуваа дали Ѓоковиќ е против вакцинацијата, а некои се сомневаа дека неговите изјави првично објавени од „Ројтерс“ можеби не се протолкувани соодветно. Повеќе медицински експерти од поранешна Југославија го критикуваа популарниот Ноле за впуштањето во оваа дискусија, а дел од тенисерите, меѓу кои и Тенис Сандгрен, како и јавноста се шегуваа на негова сметка. Ѓоковиќ потоа се обиде да ги појасни неговите ставови во разговор со „Асошиејтед прес“.
– Ги изразив своите ставови бидејќи имам право, а исто така чувствувам и одговорност да ги потенцирам суштинските прашања за тенискиот свет. Не сум експерт, но сакам да имам опција да изберам што е најдобро за моето тело. Го држам умот отворен и ќе продолжам да ја истражувам оваа тема бидејќи е важна и нѐ засега сите – порача минатата година популарниот Ноле.
Деветкратниот шампион на Австралија опен, Ѓоковиќ, има можност да стигне до рекордниот 21-ви гранслем-трофеј (тој, Роже Федерер и Рафаел Надал моментно имаат по 20) на турнирот во Мелбурн в година.
Првиот гранслем-турнир во претстојната сезона ќе се одржи од 17 до 30 јануари.