Ѓоковиќ ќе игра за 10-та гранслем-титула на Австралија опен, 22. вкупно, а Циципас за својата прва. Двајцата играа меѓу себе во финале на гранслем-турнир во 2021 година, на Ролан Гарос. Во денешното женско финале ќе играат Рибакина и Сабаленка
TЕНИС – АВСТРАЛИЈА ОПЕН
Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ и Гркот Стефанос Циципас ќе играат во утрешното финале (9.30 часот по средноевропско време) на гранслем-турнирот Австралија опен, откако забележаа победи во полуфиналните дуели во Мелбурн. Победникот во финалето ќе стане и прворангиран на листата на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП).
Ѓоковиќ по 140 минути игра го совлада 35-от светски играч, Американецот Томи Пол, со 3-0 во сетови (7-5, 6-1, 6-2). Петторангираниот тенисер во светот на тој начин се пласира во финалето на Австралија опен, каде што ќе настојува по рекорден десетти пат да го крене победничкиот пехар, за вкупно 22-та гранслем-титула во неговата кариера, со што би се израмнил со рекордерот, Шпанецот Рафаел Надал, кој лани триумфира во Мелбурн, а годинава беше елиминиран во второто коло со 0-3 во сетови од Американецот Мекензи Мекдоналд. Циципас, пак, вторпат ќе игра во финале на гранслем-турнир, откако во 2021 година во финалниот меч на Ролан Гарос загуби токму од Ѓоковиќ, со 2-3 во сетови.
Во женското финале, кое се игра денеска во Мелбурн (9.30 ч.), за трофејот ќе играат Белорусинката Арина Сабаленка (рангирана на петтото место на ВТА-листата) и Јелена Рибакина од Казахстан (24-та, победничка лани на турнирот во Вимблдон).
Рибакина во полуфиналето ја совлада Викторија Азаренка од Белорусија (рангирана на 25-то место, победничка на овој турнир во 2012 и во 2013 година) со 7-6 (7-4) и 6-3), а Сабаленка ја победи Магда Линет (рангирана на 45-то место) од Полска, со 7-6 (7-1) и 6-2. Г.И.
ТЕНИС
Ивановски се пласира во полуфиналето на турнир во Тунис
Најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски (рангиран на 543-то место на листата на АТП) се пласира во полуфиналето на турнирот што се игра во Тунис, на тврда подлога, откако во четврт-финалето со 2-0 во сетови (6-2 и 6-4) го победи Австриецот Себастијан Соргер (рангиран на 998-то место). Во полуфиналето Ивановски ќе се сретне со грчкиот претставник Стефанос Сакеларидис (рангиран на 641-то место во светот).