Спомениците – наши паметници за сопствените и универзалните вредности, за стремежите и постигнувањата

Паметниците ни помагаат да го цениме нашето минато и се секојдневни обележја на националниот идентитет. Спомениците исто така се важни за општеството поради настаните што ги претставуваат. Тие ги оживуваат историјата за новите генерации и сеќавањата, тие создаваат мост меѓу генерациите

Спомениците, спомен-обележјата и меморијалните комплекси посветени на НОБ во Македонија, како што е „Споменикот на слободата“ во Кочани или „Меморијалниот комплекс на паднатите борци на револуцијата“ во Штип, имаат особена национална и државна вредност. Затоа најавата на македонската влада за реконструкција на сите споменици и спомен-обележја од периодот на НОБ и антифашистичката борба е за поздравување.
Споменикот може да биде камена градба или мурал, но во суштина спомениците и спомен-обележјата секогаш одразуваат вредности, значаен наратив и нѐ потсетуваат на нашето минато. За спомениците се вели тие се богатството на еден народ, односно симбол и гордост на државата, нацијата или општеството. Тие ни помагаат да го цениме нашето минато и се секојдневни обележја на националниот идентитет. Спомениците исто така се важни за општеството поради настаните што ги претставуваат. Тие ги оживуваат историјата за новите генерации и сеќавањата, тие создаваат мост меѓу генерациите. Конкретно, споменикот е вид на структура што е експлицитно создадена за да се одбележи личност или настан што се значајни за државата или општеството, како дел од националното сеќавање на историските времиња. Затоа спомениците се важни и може да имаат трајно влијание во државата или општествата што ги градат. Меѓутоа мора да се нагласи и историскиот наратив што го пренесуваат спомениците, бидејќи тие го потсетуваат општеството како треба да се сеќава на сопственото минато, односно дека треба да го цениме минатото.
На територијата на Македонија има голем број споменици, спомен-обележја и меморијални комплекси посветени на НОБ во Македонија. Таква е „Могилата на непобедените“, меморијален комплекс во Прилеп што се состои од два дела – заедничка гробница и спомен-урни. Во едниот дел се подигнати мермерни урни, а во вториот дел се наоѓа криптата – заедничката гробница, каде што во мермерните плочи се изделкани имињата на паднатите борци во НОБ.

Но кое е значењето на „Могилата на непобедените“ или на другите споменици и спомен-обележја? За да се одговори на ова прашање, треба да се согледа историскиот наратив што тие го пренесуваат. Поради одредени историски околности, македонскиот народ релативно доцна создаде сопствена држава, но создавањето на македонската држава беше творба на повеќевековна борба и стремеж за слобода и сопствена држава на неколку македонски генерации. Всушност, Народноослободителната и антифашистичка борба на македонскиот народ во текот на Втората светска војна е кулминација и завршување на процесот за создавање на македонската држава и кодификација на македонската нација. Не смееме да заборавиме дека темелите на современата македонска држава беа поставени на Првото заседание на АСНОМ, кога дојде до државно конституирање на македонскиот народ и заведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава. Токму ова е историскиот наратив што го пренесуваат спомениците и спомен-обележјата од НОБ, односно триумф во вековната борба за македонска држава.

Да се навратиме на „Могилата на непобедените“ во Прилеп. Најголемата урна во овој меморијален комплекс е симбол на вечниот пламен, кој ја претставува непокорноста на македонскиот народ во неговата борба за слобода и сопствена држава. Истовремено со изделканите имиња на паднатите борци во НОБ им се одава почит на оние што го положиле животот за ослободувањето на Македонија.
Во изминативе години, како да го заборавивме значењето на спомениците и спомен-обележјата од НОБ, следствено иницијативата за нивна реконструкција е за поздравување. Со возобновување и одржување на спомениците, спомен-обележјата и меморијалните комплекси посветени на НОБ во Македонија се чествуваат илјадниците знајни и незнајни македонски национални херои што се жртвуваа за единството, безбедноста, суверенитетот и развојот на македонскиот народ и држава. Народноослободителната и антифашистичката борба се во ДНК на македонското битие, затоа спомениците и спомен-обележјата од НОБ не случајно имаат цел да ги потсетат денешните, а и идните генерации, дека македонската држава не беше подарена од никого, туку беше извојувана со сопствени сили.