Фото: ЕПА

Со овој триумф, Ѓоковиќ сега има две гранслем-титули повеќе од Надал и четири повеќе од Федерер, а ја стигна Маргарет Корт, која во женска конкуренција има 24 поединечни гранслем-трофеи. Наедно тој се врати на врвот на АТП-листата и ја почна 390-та недела како број еден во светот…

ТЕНИСЕРОТ БРОЈ ЕДЕН ЈА ОСВОИ 24-ТА ГАРАНСЛЕМ-ТИТУЛА СО ТРИУМФОТ НА САД ОПЕН

Новак Ѓоковиќ и со 36 години продолжува да поставува неверојатни стандарди во светот на тенисот. Српскиот тенисер ја освои својата 24-та гранслем-титула совладувајќи го Русинот Данил Медведев со 3-0 во сетови (6-3, 7-6, 6-3), во финалето на САД опен во Њујорк, за нов рекорд, за нова победничка историја. Со овој триумф, Ѓоковиќ на вечната листа сега има две гранслем-титули повеќе од Шпанецот Рафаел Надал, а четири повеќе од Швајцарецот Роже Федерер.
Ѓоковиќ сега во кариерата има 10 титули на Австралија опен, седум на Вимблдон, четири на САД опен и три на Ролан Гарос. Тој е единствениот што ги освои сите гранслем-трофеи најмалку по трипати. Надал е единствениот зад него што има најмалку два трофеја на овие четири најпрестижни турнири. Ѓоковиќ, исто така, успеа и третпат во својата кариера да се најде во финалето на сите четири големи турнири во една година, по 2015 и 2021 година. Наедно ова е четврти пат да освои три гранслем-титули во една календарска година. Тоа претходно му појде од рака во 2011, 2015 и во 2021 година.
Српскиот ас успеа да ја стигне и тенисерката Маргарет Корт, која, пак, во женска конкуренција, исто така, има 24 поединечни гранслем-трофеи. Ѓоковиќ веќе на следниот ваков турнир, Австралија опен, в година ќе има можност да биде прв и во овој сегмент.
Ѓоковиќ од вчера и официјално одново е рекет број еден на листата на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП), со 11.795 бода, пред Карлос Алкараз со 8.535, Медведев со 7.280… Бројката од 400 недели на врвот на светската ранг-листа е сѐ поблиску, оти моментно зад себе има 390. Ѓоковиќ освои рекордни 12 гранслем-трофеи откако наполни 30 години и седум од претходните 10 гранслем-турнири на кои играше.
Тој продолжува да ја гради својата предност пред Рафаел Надал во трката за „големите титули“, сега има 69 такви трофеи. „Голема титула“ е комбинација од гранслем-шампионати, трофеи на финалињата на АТП, мастерс-турнирите од серијата 1.000 и олимписки златни медали во сингл. Ѓоковиќ годинава триумфира на четири вакви турнири, во Мелбурн, Париз, Синсинати и во Њујорк. Тоа е 11-та година во која освојува најмалку четири „големи титули“. Ѓоковиќ освојува една „голема титула“ на секои 3,1 одиграни турнири (69 од 216). Има само уште еден играч што триумфирал со стапка од повеќе од еден на секои четири одиграни турнири, Надал (3,5, со 59 од 208).

– Кога почнав да играм тенис имав само два сона, да бидам прв и да го освојам Вимблдон. Тоа беше единственото нешто што го сакав. Но кога го остварив тоа, очигледно почнав да сонувам нови соништа и да поставувам нови цели. Но никогаш не замислував дека ќе бидам тука и ќе стојам со вас и ќе зборувам за 24 гранслем-титули. Целите се важни, ве мотивираат, па во текот на кариерата си поставував сѐ поголеми цели, но не размислував толку за историјата, неделите поминати како број еден или гранслемовите до пред три години. Тогаш помислив дека сум блиску, ако останам здрав и играм добро, тогаш можам да го достигнам рекордот. Тоа ќе ми биде биде приоритет и понатаму, така ќе биде и идната година. Не играм премногу на другите турнири, но гледам да бидам на врвот на најголемите, тоа се емоциите што ме мотивираат секој ден. Уште сум тука и не сакам да го напуштам овој спорт сѐ додека сум на највисоко ниво – изјави Ѓоковиќ.
Ѓоковиќ даде осврт и за мечот со Медведев.
– Добро го почнав мечот, вториот сет беше клучен, игравме речиси два часа, мислам дека не сум одиграл подолг сет досега. Тој беше подобар во тој сет, но ги свртев работите во тајбрејкот. Но така е кога играш против Медведев, кој е еден од најдобрите играчи во светот. Бев среќен што го завршив вториот сет, а потоа само се надевав дека ќе промаши една топка – рече Ѓоковиќ, кој годинава не успеа да го освои само гранслем-турнирот Вимблдон од можните четири, кога загуби во финалето од Шпанецот Алкараз. Г.И.


Рекоа за Ѓоковиќ по триумфот

По триумфот на гранслем-турнирот САД опен, Новак Ѓоковиќ на социјалните мрежи доби многу честитки од истакнати тениски имиња.
– Повторно честитки, Новак. Верувам дека по 24-та титула се чувствуваш добро, како кога ја освои првата, оти знаеш колку напорно си работел за да стигнеш таму и да останеш на таа позиција против постојано растечкиот бран нови предизвикувачи. Беше на високо ниво против голем ривал како Медведев. Слободно земи уште еден пехар, шампионе – изјави легендарниот Род Лејвер.
– Речиси стана излишно да му честитам на Новак, оти секоја негова победа сега е историска. Ова покажува колку значи кога си дисциплиниран и посветен на тенисот – рече американскиот тенисер Џејмс Блејк.
– Новак е непроценлива величина. Каква легенда – потенцираше славната белоруска тенисерка Викторија Азаренка.
Честитки на Ѓоковиќ му упатија и Били Џин Кинг, Џина Бушар, Габриела Сабатини, Ненад Зимоњиќ и многу други.


Прва гранслем-титула на Гоф

Американката Коко Гоф (19) триумфира на гранслем-турнирот САД опен за тенисерки, откако во финалето ја совлада Белорусинката Арина Сабаленка со 2-6, 6-3, 6-2 и освои нови 2.000 ВТА-поени. За Гоф ова беше 12-та победа во низа, но прв гранслем-турнир во кариерата. Мечот траеше 126 минути, а со оваа победа таа се искачи за две позиции и од вчера е трета тенисерка во светот со 6.165 бода. Сабаленка остана на една гранслем-титула, која ја освои годинава на Австралија опен, но од вчера го презеде првото место на ВТА-листата со 9.266 бода, а втора е Полјачката Ига Швјонтек со 8.195.