Американците наведуваат дека ако институциите и натаму останат нефункционални и политиката продолжи да се меша во судството, тогаш сериозно ќе бидат отежнати напорите на САД да помогнат во борбата против корупцијата во државата. Пораката од Вашингтон е недвосмислена и јасна, дека ако државата не може внатрешно да си ги среди состојбите, тогаш нема да ја оствари стратегиската цел колку и да посакува и колку нејзиниот стратегиски партнер да сака да ѝ помогне. Уште пострашно ќе биде ако и САД кренат раце од помошта што ја даваат во таа насока

Јасни пораки од американскиот Стејт департмент

Главна стратегиска цел на Македонија е зачленување во Европската Унија, но се чини дека реална пречка во остварувањето на оваа цел не се уставните измени и дали тие ќе бидат спроведени или не, туку поразителниот факт дека во земјава нема суштинска борба со корупцијата.
Директна потврда дека дури и со евентуалното внесување на Бугарите во македонскиот устав нема да се оствари стратегиска цел на државата пристига од американскиот Стејт департмент, од каде што јасно порачуваат дека исклучително високиот степен на корупција во Македонија има потенцијал да ги поткопа нејзините стратегиски интереси.
– Корупцијата има потенцијал да ги поткопа стратегиски амбиции на Македонија. Лидерите мора да покажат силни, опипливи, антикорупциски резултати преку зајакнување на институционалната независност и спречување на политичкото мешање, особено во судството, што е од суштинско значење за исполнување на целите за пристапување во ЕУ и градење доверба на граѓаните во Владата – се наведува во соопштението од прес-службата на Стејт департментот.
Што е уште позагрижувачко, Американците порачуваат дека ако институциите и натаму останат нефункционални и политиката продолжи да се меша во судството, тогаш сериозно ќе бидат отежнати напорите на САД да помогнат во борбата против корупцијата во државата.

Пораката на Вашингтон е јасна – средете си ги состојбите дома ако сакате во ЕУ!

Пораката од Вашингтон е недвосмислена и јасна, дека ако државата не може внатрешно да си ги среди состојбите, тогаш нема да ја оствари стратегиската цел колку и да посакува и колку нејзиниот стратегиски партнер да сака да ѝ помогне. Уште пострашно ќе биде ако и САД кренат раце од помошта што ја даваат во борбата со корупцијата бидејќи граѓаните во овој момент единствено во Американците ги полагаат сите надежи дека можат некако да го стават под контрола ова корупциско стампедо.
Набљудувано низ актуелната политичка призма, тоа значи дека Бугарија сега мирно ќе го чека расплетот со уставните измени, за потоа во кој било момент да испорача ново вето, овој пат со „конструктивна“ забелешка дека во Македонија има нефункционални институции, нема владеење на правото, а корупцијата цвета на секој чекор. За волја на вистината, аргументите ќе бидат на нејзина страна бидејќи тоа се вистинските европски критериуми на кои земјава инсистира, но очигледно во пракса не ги спроведува.
– Состојбата со борбата со корупција во земјава не е подобрена, напротив, институциите само 10 проценти презеле мерки за намалување на ризиците. Ова укажува дека недостигаат волја и капацитет, ама пред сè волја, во самите институции да ги преземат активностите – вели претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска.
Поранешниот министер за финансии и коментатор на актуелните политички збиднувања во земјава Џевдет Хајредини прстот за тоа што Македонија не се движи кон остварување на нејзината стратегиска цел го вперува кон дипломатските претставници во земјава, кои дозволиле корупцијата да земе толкав замав.
– Се поставува прашање колку поголема ќе беше количината на криминалот и корупцијата во Македонија, да не беше толку големата поддршка што на борбата против нив ја даваат амбасадорите на пријателските држави и ЕУ. Од толку големиот број ајдуци на слобода и на власт, Македонија нема да ја спаси ниту членството во ЕУ – порачува Хајредини, познат по својот добро познат остар наратив.

Без волја и искрена желба, работите нема да се помрднат од дното

Добро упатени извори во земјава на македонско-американските односи се јасни во оцената дека Вашингтон уште еднаш ја повторува пораката што пред извесно време ја кажа и американската амбасадорка во земјава, како и неколку европски дипломати.
– САД како наш стратегиски партнер имаат зацртано да ја внесат земјава во ЕУ, исто како што тоа го направија со приемот во НАТО. Испратија и свои тимови во земјава да ја скенираат состојбата со корупцијата, излегоа со нови две имиња на црната листа и толку. Оваа порака на Стејт департментот говори дека мора самите да си ја средиме ситуацијата дома, тие ќе помогнат, но не можат да го прават тоа ако кај нас не постои волја за решителна борба со корупцијата, за градење ефикасни институции и за ослободување на судството од политичките стеги. Сите овие работи Американците ги имаат нотирано, ги има нотирано и ЕУ, но Брисел гледа да ги задоволи барањата на своите земји-членки, па дозволува и услови што се надвор од европските критериуми како оние што ги испорача и ќе ги испорачува Бугарија. Затоа и европските политичари не притискаат толку за критериумите од Копенхаген оти знаат дека и самите не се држат до нив, па полесно им е да инсистираат на уставните измени. Американците се директни, не сакаат нивниот стратегиски партнер да се дави во корупција, да е институционално нефункционален, да нема владеење на правото, па на некој начин потсетуваат дека треба да се направи нешто за да не бидат загрозени стратегиските интереси на Македонија – велат соговорниците.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека се попусти сите предупредувања од Стејт департментот ако тука нема никаква желба да се стави корупцијата под контрола, да се застанат институциите на здрави нозе и да профункционира владеењето на правото.
– Со години зборувам дека Македонија е коруптивна држава и ЕУ не сака да внесе такво заболено ткиво во нивното тело, а Бугарија е само машата за тоа. Со нула доверба во судство и политичари што се на американската црна листа, а сè уште се на позиции, не може да разговараме за што било, така што попусти се сите препораки и извештаи од Стејт департментот и од ЕУ кога ние самите не сакаме да си ја средиме државата однатре. Треба целосно ресетирање на системот – констатира Пекевски.