Фото: приватна архива

Сите ја знаеме фразата „човекот учи додека е жив“, јас само би го потврдил тоа, бидејќи секојдневно учам и јас од своите ученици, секојдневно се среќавам со различни карактери, а со тоа и секој пристап треба да биде индивидуален, вели Васко Пиличев

Васко Пиличев, професор, гитарист и пријател на децата со успеси за Гинис

Васко Пиличев веќе осумнаесет години работи како наставник по гитара во музичкото училиште „Боро Џони“ во Струмица. Досега повеќе од 800 ученици научил да свират на овој инструмент, а со 107 од нив освоил 236 награди! Истовремено работи на сопствена надградба. По дипломирањето на Факултетот за музичка уметност во Скопје – отсек гитара во 2005 г., магистрира во 2011 година. Постојано се труди да внесе новини во својата настава, а за неговиот проект „Летна школа за гитара“ има сѐ поголем интерес, но и сѐ поголеми одгласи.

Гитарата е ваша неразделна друшка уште од тинејџерските денови. Кој ве зарази со љубовта кон музиката, дали можеби тоа е традиција во вашето семејство?
– Интересно е тоа што во моето семејство, дури и подалечно нема ниеден музичар, јас сум првиот, а моите родители и брат ми во времето кога растев и се развивав слушаа одлична музика и на тој начин и јас ја засакав музиката, која ми го обележи животот. Бидејќи јас прво почнав со клавир и во средното требаше да се одбере втор инструмент, јас одбрав гитара. Во прва година средно од тотален почетник во септември, стигнав до втора награда на државен натпревар во мај, односно за само девет месеци.Интересно, а истовремено мотивирачки за децата на кои им предавам е да се спомене дека јас со музика започнав да се занимавам релативно доцна, на 14-годишна возраст и, ете, стигнав до магистратура. Ова е добар пример дека никој не треба никогаш и од ништо да се откажува во животот.

Ја чувате ли уште првата гитара и ќе ни откриете ли колку гитари имате во моментот и какви?
– За жал, првата гитара не ја чувам, но сите други уште се до мене иако некои и доста оштетени, но не ги давам за ништо на светот. Во моментот имам многу гитари со оглед на тоа и дека работам со гитари, па искрено бројот е голем и варира.

Дарбата, поткрепена со едукација и желба, ве однесе на вистинскиот пат, а многуте награди што сте ги добиле се доказ за тоа. Што никогаш нема да заборавите од младешките денови на учење, постојано свирење и откривање нови можности?
– Јас и на моите ученици им велам дека дарбата е најмалку битна во изучувањето на инструментот, особено ако се занимавате со тоа од хоби и забава, сѐ што треба да имате е желба и, се разбира, труд. Додека, ако сакате професионално да се занимавате со музика, се разбира дарбата е битна, но не и пресудна. А од моите ученички и студентски денови никогаш нема да ги заборавам концертите, настапите, натпреварите, колегите, другарите…

Несомнено, на Музичката академија за вашиот развој помогнала и соработката со професорите и нивните насоки? Кого од нив особено би издвоиле?
– За добар ученик (студент) се разбира клучен е и добриот професор, јас ја имав таа среќа да учам од одлични професори, а особено би ги издвоил моите професори на факултет за музичка уметност Воислав Иванович и Тања Јанкова.

Колку магистратурата е значајна за вас на професионален план?
– Секој влог во самиот себе е секогаш многу вреден, за мене е исклучително значајна титулата м-р затоа што во државата сме многу малку магистри по гитара, а тоа претставува уште поголем мотив за напредување.

Зад вас е долгогодишна работа со деца и млади. Колку на тие часови тие учат од вас, а колку вие од нив?
– Сите ја знаеме фразата „човекот учи додека е жив“, јас само би го потврдил тоа, бидејќи секојдневно учам и јас од своите ученици, секојдневно се среќавам со различни карактери, а со тоа и секој пристап треба да биде индивидуален. Тоа се стекнува со текот на годините и со искуството, кое го имам од работата со над 800 различни ученици досега.

Струмица е жив град со голем број креативни и учени луѓе. Дел од нивниот успех, несомнено, се и професорите. Колку, според вас, музиката позитивно влијае врз развојот и животите на децата?
– Дефинитивно многу! Во музиката постои област што се вика музикотерапија, која е базирана на докази дека со музиката дури и се подобруваат некои состојби кај луѓето. Докажано е многупати дека децата што изучуваат каков било музички инструмент се со многу подобра меморија, многу подобро ги решаваат задачите и по другите предмети, мозокот им се развива подобро, имаат многу подобри моторички вештини и уште многу други позитивни ефекти, кои ни ги дава изучувањето на некој инструмент.

Секое дете е приказна за себе и бара посебен приод. Дали е таков и вашиот однос на часовите?
– Да, во нашата работа часовите се најчесто индивидуални, има и во групи кога работиме, на пример, камерна музика, но генерално се индивидуални и пристапот се разбира е посебен за секое дете, па дури и за секој час пристапот често е различен.

Но освен индивидуалниот подем на учениците, сведоци сме како тие заедно функционираат. Колективноста е очигледна за време на Летната школа за гитара, која во рамките на фестивалот „Струмица опен“ ја организирате вие. Колку ви значат овие проекти и нивната прифатеност?
– Како креатор на проектот „Летна школа за гитара“, во рамките на музичкото училиште ООМУ „Боро Џони“ во Струмица, сум особено горд од многу причини. Прво, децата и нивната среќа се непроценливи, тие уште од мали се учат како да се однесуваат на големи сцени пред многубројна публика, што е можеби и клучно и трето, многу често гости на проектот се еминентни музичари од Македонија како што се: Влатко Стефановски, Дамјан Пејчиновски, Александра Јанева, Ѓоко Таневски и други. Од друга страна, тука е публиката, која секогаш дава најмногу инспирација и енергија да продолжам секоја година уште подобро и поамбициозно. Коментарите што ги дава публиката по секој концерт се непроценливи и многу значат, како за мене така и за учесниците.

За својот ангажман сте добитник и на високо признание, награда за повеќегодишна успешна работа во областа на музичката педагогија, доделена од музички и балетски педагози на Македонија. Дали за вас тоа е потврда дека сте на вистинската патека?
– Наградите се битен дел од мојата педагошка дејност и ги сметам за битен фактор во градењето на мојот начин на учење и работа со децата. Сметам дека со тоа се даваат поттик и желба за уште поголеми успеси, затоа што со секоја добиена награда чувствувам дека некој ја следи мојата работа и оти вложениот труд дава резултати, на што сум особено горд. Исто така оваа награда многу ми значи затоа што е доделена од колегите педагози, мои професори и музичари, кои навистина ми се многу драги и се значајни за нашата држава.

Колку ви значи поддршката од семејството и дали вашите два сина чекорат по вашите стапки?
– Нема побитно нешто во животот од семејството, а со тоа и од поддршката од најблиските, без таа енергија едноставно е незамисливо да се постигне што било. Моите деца веќе почнаа да се занимаваат со музика, поголемиот син Матеј веќе има освоено десетина награди на државни и меѓународни натпревари на два инструмента, покрај гитарата тој посетува и настава по клавир. Помалиот син Павел од оваа учебна година почнува по тие стапки. Се надевам дека ако не друго барем ќе ја сакаат музиката, ќе уживаат во тој човечки дар што го имаме ние како луѓе.

Кога се чувствувате најсреќно, најисполнето?
– Професионално најубаво ми е кога децата се среќни и задоволни, поубаво чувство од тоа за еден наставник не постои, но за да се постигне тоа, верувајте, потребни се многу заеднички жртви. Како човек најубаво ми е дома со моето семејство, со децата и со сопругата Марија, која секогаш има разбирање за работата што ја сакам и работам.

Секој влог во самиот себе секогаш е многу вреден, вели Васко Пиличев

Миговите со семејството се скапоцени за Васко