Тренерот Костовски и Георгиевски

Носителот на сребро на ЛОИ во Токио го освои второто место и на вториот Г2-турнир годинава и нови 12,5 поени за олимписката ранг-листа, на која сега е шести. „Две сребра во краток период е квалитетен старт и без дополнителен притисок дали можеа да бидат златни медали ние продолжуваме напред и во овој период единствено е битно да имаме континуитет во собирањето бодови. Забележителен настап имаше втората голема надеж Додевски, кој во првото коло го победи олимпискиот шампион Сисе“, ни изјави Костовски, тренерот на ТК Бутел и на репрезентацијата на Македонија

ТАЕКВОНДО – ПО НОВИОТ ГОЛЕМ УСПЕХ НА Г2-ТУРНИР

Македонскиот таеквондист Дејан Георгиевски (категорија над 87 кг), со две доминантни победи, над Србинот Михајло Радаловиќ и Шпанецот Гисберт Казанова, постигна нов голем успех, освојувајќи ги второто место и сребрениот медал на меѓународниот таеквондо-турнир од Г2-серијата, кој се одржа во Софија (Бугарија), и на кој настапија девет натпреварувачи од Македонија. Во финалето, Георгиевски, кој во почетокот на борбата доби повреда, која, сепак, не е опасна, загуби од Шпанецот во подем, Гарсија Мартинез (моментно 19-ти на олимписката ранг-листа со 95,66 поени).
Но она што е многу значајно е што Георгиевски освои и нови 12,5 бода за пласман на Летните олимписките игри (ЛОИ) во Париз во 2024 година. За членот на клубот ТК Бутел од Скопје и на македонската репрезентација, Георгиевски (22), носителот на сребрен медал на ЛОИ 2020 во Токио лани, ова е втор ваков успех по освоеното второ место на престижниот Г2-турнир „Президент куп“, кој се одржа минатиот месец во Тирана, Албанија.

– Стартот е очекуван со мали нијанси, кои ќе треба да ги моделираме. Нѐ очекува силна сезона, со тоа што многу од противниците специјално работат за да нѐ победат, што е и очекувано. Две сребра во краток период или турнир по турнир е квалитетен старт и без дополнителен притисок дали можеа да бидат златни медали или не, ние продолжуваме напред и во овој период единствено е битно да имаме континуитет во собирањето бодови. За Шпанецот Мартинез ќе кажам дека е во налет и тој особено со жар се бори против Дејан. Очекувам на Европското првенство во мај Георгиевски да го победи. Што се однесува до повредите, нашиот спорт е контактен, се работи со полна сила, некогаш има и по пет борби во еден ден, така што повредите се присутни речиси по секој турнир. Но сите се минливи, па така и оваа на Дејан, кој е издржлив и фокусиран млад борец и кој успешно се носи во сите моменти во борбите. Забележителен настап имаше втората голема надеж Филип Додевски, кој во првото коло го победи олимпискиот шампион Салах Сисе од Брегот на Слоновата Коска, а во второто коло минимално загуби во настојувањето да стигне во борбата за медал – ни изјави тренерот на ТК Бутел и на репрезентацијата на Македонија, Борче Костовски.
Георгиевски напредуваше за едно место на олимписката ранг-листа и од седмото, сега е на шестото место со 149,15 бода. Петтиот на таа листа има 38 бода повеќе. На првото место е олимпискиот првак, Русинот Владислав Ларин (368,36 бода), втор е Кјо Дон Ин од Јужна Кореја (211,5), трет Кубанецот Рафаел Алба (199,5), четврти Азербејџанецот Милад Харчегани (187,5), а петти Бразилецот Икаро Соарес (184,62). Првите шестмина на олимписката листа директно се квалификуваат на ЛОИ, а другите преку квалификации.