Во џудото многу често се случува и најдобрите да загубат уште во почетното коло. Сепак, многу работи ќе зависат од ждрепката, па и среќата. Ние немаме многу турнири или тренинг-кампови како што е тоа случај кај многу посилните селекции, кои во годината настапуваат и на по триесетина натпреварувања, вели селекторот Фузевски

ПРЕД ЕВРОПСКИОТ ЏУДО-КУП ВО ЈУНИОРСКА КОНКУРЕНЦИЈА ВО СКОПЈЕ

Викендов Македонија, поточно СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, ќе биде домаќин на голем спортски настан, односно европскиот џудо-куп за јуниори и јуниорки „Скопје 2023“, прв што кога било е организиран во Македонија во овој спорт. Официјалното мерење и ждрепката се закажани за утре, а прелиминарните борби почнуваат в сабота во 10 часот, додека ќе продолжат и в недела, исто така од 10 часот. Македонската репрезентација на ова значајно натпреварување ќе ја предводат селекторот на јуниорите Александар Фузевски и селекторот на кадетите Дејан Мицкоски.
– Со оглед на тоа што ова е натпреварување од највисок ранг за репрезентацијата на Македонија, а за некои репрезентативци ова всушност ќе биде и прв настап на вакво квалитетно натпреварување, се надевам дека ќе се прикажеме во светло издание, односно ќе понудиме добри борби. Желбата ни е да оствариме што повисок пласман, но сепак во оваа силна конкуренција е неблагодарно да се прогнозира каков би бил пласманот – вели селекторот Фузевски.
Македонските репрезентативци и во машка и во женска конкуренција, вкупно пријавени 15, веќе се во Скопје и го чекаат почетокот на овој спортски настан.
– Во Скопје се очекува да настапат над двесте џудисти, а според она што е досега пријавено, најмногубројни се репрезентациите од Србија и од Грција, но има и џудисти од САД, кои се добро рангирани во светот во оваа конкуренција. Особено ќе бидат силни средните категории (до 52 кг, 57 кг, 63 кг, 66 кг, 68 кг), каде што ќе има и најмногу натпреварувачи, од 20 до 40. Од нашите, Лилјана Неданоска е џудистка што е малку поискусна, оти има настапувано на неколку европски кадетски и јуниорски купови, но, ќе повторам, во оваа голема конкуренција многу е тешко да се прогнозира кој каков пласман ќе освои – истакна Фузевски.
Според македонскиот селектор, многу работи ќе зависат од ждрепката и од среќата, но најмногу од искуството.
– Во џудото многу често се случува и најдобрите да загубат уште во почетното коло. Сепак, многу работи ќе зависат од ждрепката, па и од среќата. Ние немаме многу турнири или тренинг-кампови, како што е тоа случај кај многу посилните селекции, кои во годината учествуваат и на по триесетина натпреварувања – појаснува Фузевски. Г.И. 


Влезот е бесплатен

За нас, сепак, главна цел на овој Европски џудо-куп е Македонија со македонското џудо да се прикаже како добар организатор на вакви масовни манифестации, со што би се подигнало и нашето џудо на уште повисоко ниво. Се надевам дека и публиката во салата во СЦ „Јане Сандански“ ќе дојде во поголем број да нѐ бодри, а влезот е бесплатен, вели Фузевски.