Ист број поени имаше и второпласираниот, ФМ Љубомир Илиќ, но послаб дополнителен критериум
ВЕЛИГДЕНСКИ ВЕТЕРАНСКИ ТУРНИР ВО ЗАБРЗАН ШАХ
Скопскиот ФИДЕ-мајстор (ФМ) Љубиша Андоновски (рејтинг 2.161, рангиран втор пред почетокот на турнирот) е победник на четвртиот по ред Велигденски турнир за ветерани во забрзан шах, кој се одржа во ресторанот „Еснаф“ во Скопје, во одлична организација на ШКВ Скопје 72. Во конкуренција на 24 шаховски ветерани (од кои пет ФМ) од 60 години и постари, по седум борбени и докрај возбудливи кола (со временско темпо од 15 минути, плус 10 секунди за секој потег по играч), Андоновски освои 5,5 поени (четири победи и три ремија). Ист број поени имаше и второпласираниот, ФМ Љубомир Илиќ (2.051, рангиран четврти), со пет победи, еден пораз и едно реми, но Андоновски е прв поради подобар дополнителен критериум. Третото место му припадна на ФМ Александар Кралевски (2.116, рангиран трет) со пет поени, колку што имаа и Љупчо Ѓоршев (1.896) и ФМ Љубомир Хаџи-Манев (1.913), шести е Илија Стошевски (2.044) со четири поени итн.
– На турнирот достојно беше одбележан празникот Велигден со сите негови симболи, а секој учесник и гостин доби велигденско јајце. Амбиентот беше празничен, но партиите жестоки. Настапија мошне силни играчи, а со оглед на краткиот спринт од седум кола, борбеноста за првото место беше огромна, а триумфот на Андоновски сосема заслужен. Имаше голем интерес, како кај играчите така и кај присутните гости, меѓу кои беа ВМ Драгољуб Јаќимовиќ, кој пред почетокот со говор ги поздрави шахистите, потоа ИМ Никола Димовски, ФМ Иван Кочовски и други – ни изјави претседателот на ШКВ Скопје 72, Илија Стошевски.

На турнирот со просечен рејтинг од 1.886 поени се играше и бодуваше по правилата на ФИДЕ за забрзан шах, а прворангиран пред почетокот беше ФМ Јани Богоевски (2.176), кој на крајот заврши седми со четири поени. Г.И.