Фото: ЕПА

Оваа одлука, секако, предизвика шок кај возачите, оти евентуалната казна што можат да ја добијат во случај на прекршување на правилата може да биде и до еден милион евра (871.000 фунти).

ФОРМУЛА 1

Светската автомобилска федерација (ФИА) во четвртокот соопшти дека четирикратно ја зголемува максималната парична казна (која сега изнесува 250.000 евра) што можат да им ја изречат стјуардите на возачите и екипите во Формула 1. Оваа одлука, секако, предизвика шок кај возачите, оти евентуалната казна што можат да ја добијат во случај на прекршување на правилата може да биде и до еден милион евра (871.000 фунти).
– Немам поим што заслужува казна од еден милион евра. Некои возачи заработуваат помалку од тоа – изјави Шарл Леклер, возач на Ферари, пренесува Би-би-си.
Возачот на Хас, Кевин Магнусен, пак, рече дека бројката звучи смешно, додека возачот на Алфа Таури, Даниел Рикардо, нагласи дека е страшна.
Новата казна има цел да ги одврати тимовите и возачите од најеклатантните и опасни прекршувања на правилата, а ФИА соопшти дека сите пари добиени од казните ќе се користат за финансирање на програмите за развој на мотоспортот.
Не беше објаснето каков тип возач или тимски прекршок може да резултира со парична казна од еден милион евра.
– Мораме да размислиме за пораката што се испраќа до оние што гледаат. Ако треба да казнат милион евра, да се погрижиме 100 проценти од тоа да оди за добра цел. Има многу пари во оваа индустрија и многу нешта треба да направиме во однос на подобрата пристапност и различност. Само така можат да добијат милион од мене – изјави седумкратниот светски шампион Луис Хамилтон од Мерцедес, кој неодамна беше казнет со 50.000 евра (од кои половина беа суспендирани), поради пешачење на патеката за време на ГН на Катар.
Актуелниот светски шампион Макс Верстапен од Ред Бул ја спомена казната што ја доби поради допирање на задното крило на болидот на Хамилтон на трката во Бразил во 2021 година.

– Ако тоа беа 50.000 евра, би сакал да знам што е милион – рече Верстапен.
Двократниот светски шампион Фернандо Алонсо од Астон Мартин изјави дека паричната казна од милион евра би била несоодветна. Со утрешната трка во Остин, за големата награда на САД, Формула 1 се подготвува за уште една секвенца од три трки едноподруго сезонава, а потоа следуваат трките во Мексико (29 октомври) и во Бразил (5 ноември). Во Остин денеска прво ќе се вози спринтот, а гранпри-трката е утре (21 часот). Во Остин беше поставен нов рекорд во Формула 1 со тридневна посетеност од околу 440.000 гледачи во 2022 година, пишува Формула 1 на својата интернет-страница.
Трикратниот и актуелен светски првак Макс Ферстапен во Остин може да го собори рекордот во Формула 1 за најмногу поени во една сезона (тој во минатата сезона освои 454, а сега има 433), потоа може викендов да израмни еден друг рекорд, за победи во една сезона (лани 15, сега има 14), како и да се доближи до израмнување на рекордот за најмногу пласмани на подиуми во една сезона (18 во 2021 година, сезонава има16). До крајот на сезонава Ферстапен ќе се обиде да собори и еден рекорд на Себастијан Фетел, кој во 2013 година стана светски првак со најголема разлика досега пред второпласираниот, 155 поени пред Фернандо Алонсо (Ферстапен сега води пред Серхио Перез со 209 поени предност).
Во преостанатиот дел од сезоната ќе има натпревар и за втората и за третата позиција во вкупниот пласман, откако Перез е втор со 224 поена, а потоа следуваат Луис Хамилтон со 194, Алонсо со 183, Карл Саинс јуниор со 153, Шарл Леклер со 145… Г.И.