Јуниорската категорија на Формула 1 (Ф1) за жени ќе ги одржи сите свои трки во 2024 година како дел од трките за гранпри во Ф1, пишува „Би-би-си“. Ф1-академијата ќе има седум трки, почнувајќи во Саудиска Арабија на 7 март и завршувајќи во Абу Даби на 8 декември, а во меѓувреме ќе има и трки во Мајами, Шпанија, Холандија, Сингапур и во Катар. Годинава Ф1-академијата има трка заедно со Ф1 само за големата награда на САД, викендов во Остин.
Календарот за 2024 година содржи мешавина од улични патеки и традиционални патеки. Сузи Волф, управната директорка на Ф1-академијата, постави за цел да ја направи серијата настан за поддршка на гранпри-трките кога беше лансирана академијата годинава.
– Овој календар ја зацврстува нашата амбиција да станеме навистина глобална серија, проширувајќи го нашиот дофат и подобрувајќи ја видливоста на нашата мисија. Сакаме да ги инспирираме младите девојки и жени низ светот и да им покажеме дека има место за нив во нашиот спорт, а тркањето заедно со Ф1 ќе ни помогне да го постигнеме тоа – рече таа.
Академијата е почетна серија за жени возачи што ги прават своите први чекори во мотоспортот, обично по кариерата во картинг, традиционалниот влез во мотоспортот, пишува „Би-би-си“. Сите десет Ф1-тима ќе имаат една возачка во академијата и по еден болид.
– Оваа глобална платформа, комбинирана со поддршката на сите десет Ф1-тима, ќе ја однесе серијата на следното ниво, обезбедувајќи не само можност за возачите да ги развијат своите вештини на патеките во Ф1 туку и да ги инспирираат младите девојки низ светот да ја следат иднината во мотоспортот – вели претседателот и извршен директор на Ф1, Стефано Доменикали. Н.М.