Фото: ЕПА

Американскиот кошаркар досега одигра 393 меча и го надмина досегашниот лидер, Литванецот Јанкунас. Хајнс е рекордер и според офанзивни скокови во Евролигата, трет е според вкупно скокови и блокади…

КОШАРКА

Центарот на италијански Милано, американскиот кошаркар Кајл Хајнс (37), го одигра својот 393-ти меч во Евролигата, што е нов рекорд во ова клупско натпреварување. Тој го надмина дотогашниот рекорд на легендата на Жалгирис, Литванецот Паулиус Јанкунас, кој имаше зад себе 392 настапа во текот на неговата славна кариера. Ветеранот на Реал Мадрид, Серхио Родригез, на оваа листа направи напредок, се најде на четвртото место со 376 меча во Евролигата, надминувајќи го Георгиос Принтезис.
– За мене ова е огромна чест, особено со оглед на многуте одлични играчи што играа во ова натпреварување низ годините. И како американски играч, достигнувањето е веројатно многу позначајно – изјави Хајнс пред дуелот од второто коло на домашен терен со Олимпијакос (65-53), пренесе официјалната интернет-страница на Евролигата.
Хајнс е рекордер и за најмногу офанзивни скокови во Евролигата со 789, 84 повеќе од поранешниот играч на Реал Мадрид, Фелипе Рејес, кој е на второто место. Тој моментално е трет со најмногу скокови вкупно, со 1.780, што е 19 помалку од второпласираниот Рејес, а води Јанкунас со 2.010. Хајнс е 10-ти според украдени топки, со 275, и трет на сите времиња за блокади, со 308… Хајнс дебитира во Евролигата за Бамберг во 2010 година. Тој е четирикратен шампион на Евролигата (2012, 2013, 2016 и 2019 година), трикратен добитник на наградата за најдобар дефанзивец во ова натпреварување (2016, 2018, 2022) и е избран во идеалниот тим на деценија во Евролигата (2010-2020). Во текот на својата кариера во Евролигата тој претходно настапуваше и за Бамберг (2010-2011), Олимпијакос (2011-2013) и за ЦСКА Москва (2013-2020). Г.И.


НАЈМНОГУ МЕЧЕВИ ВО ЕВРОЛИГАТА

Кајл Хајнс 393
Паулиус Јанкунас 392
Серхио Љуљ 377
Серхио Родригез 376
Георгиос Принтезис 375