Фото: Маја Јаневска-Илиева

Најголема чест и привилегија е да се биде во Куќата на славните за маратонско пливање, во друштво на најголемите имиња во историјата на светското пливање. Особено сум среќен и горд што правејќи го тоа што најмногу го сакам и пливајќи за Македонија, имам придонесено и оставено белег во светот на маратонското пливање, изјави Евгениј Поп Ацев на социјалните мрежи. Македонскиот пливач ќе стане член на Куќата на славните за маратонското пливање во мај 2024 година, во Канкун

МАРАТОНСКО ПЛИВАЊЕ

Македонскиот пливачки маратонец Евгениј Поп Ацев доби големо признание откако меѓународната организација „Куќа на славните на маратонското пливање“ (ИМСХОФ) објави дека тој ќе стане нејзин член на следниот собир во мексиканскиот град Канкун, во мај 2024 година. Поп Ацев во 2015 и во 2017 година триумфира на светската гранпри-серија за маратонско пливање, а во 2019 година беше најуспешен и на ултрамаратонската серија на ФИНА. Во својата кариера настапи на 106 трки од светска класа во 21 држава. Девет години во низа завршуваше на подиумот во генералниот пласман.Неговата маратонска кариера траела од 2007 до 2021 година, а победил на трки во шест држави.
– Најголема чест и привилегија е да се биде во Куќата на славните за маратонско пливање, во друштво на најголемите имиња во историјата на светското пливање. Особено сум среќен и горд што правејќи го тоа што најмногу го сакам и пливајќи за Македонија, имам придонесено и оставено белег во светот на маратонското пливање. Многу сум ѝ благодарен на ИМСХОФ за номинацијата, изборот и за ова големо признание од ваква голема светска организација, како и на сите што беа дел од мојата пливачка кариера и ме поддржуваа во изминативе 20 години – изјави Евгениј Поп Ацев на социјалните мрежи.
Од Македонија во Куќата на славните за маратонско пливање во 2016 година беше примен Томи Стефановски. Покрај Поп Ацев, на церемонијата во Канкун в година, нови членови на Куќата на славните за маратонско пливање ќе станат и Американката Кортни Моатс Полк, Италијанката Аријана Бриди, Американката Сузана Хајм-Боувен, Американецот Дан Симонели и Италијанецот Симоне Руфини. Г.И.