Фото: Маја Јаневска Илиева

Обраќање по повод единаесеттиот меѓународен симпозиум за византиски и средновековни студии „Денови на Јустиниjан Први“, од 10 до 12 ноември 2023 година, организиран од Институтот за национална историја при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитетот во Болоња и Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

Денеска, на 10 ноември, се одбележува Светскиот ден на науката – настан што започна да се одбележува во 2001 година од страна на УНЕСКО со цел, пред сѐ, научната заедница, но и владините актери да се усогласат околу заедничките цивилизациски цели и вредности. Владата на Македонија веќе со години ја запоставува и ја маргинализира научноистражувачката дејност, којашто се финансира исклучиво преку билатерални и/или меѓународни иницијативи. Денешниов меѓународен симпозиум за византиски и за средновековни студии „Денови на Јустинијан Први“ претставува пример за успешна научна соработка меѓу Италија и Македонија. Токму ликот и делото на Јустинијан Први, византиски владетел роден, според некои истражувачи, во денешна Македонија, цар на Источното Римско Царство, христијанин, православен теолог, градител на храмот „Света Софија“ во Цариград и реформатор на класичното римско право, овозможува научна и културна поврзаност меѓу Италија и Македонија.
Темата „Наративи“, на денешниов единаесетти по ред меѓународен симпозиум, со децении се употребува како стручен термин во наратологијата (поим скован од страна на Цветан Тодоров). Според Венко Андоновски, терминот наратив вклучува, од една страна, приказна (фабула), но, од друга страна, и однос на содржината на искажаната приказна кон стварноста, што подразбира идеолошко вреднување на настаните. Тие нешта зависат од конкретниот раскажувач на приказната, па оттука често се случува една иста приказна двајца раскажувачи различно да ја раскажат (ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Европа и ние).

Но денешниов симпозиум се однесува на синтагмата „национален наратив“. Оттука, произлегуваат прашањата: Кој е македонскиот наратив, македонската национална приказна и како македонскиот наратив се менуваше од 1945 година до денес, особено во последните пет години? Кој е македонскиот наратив за византискиот и средновековниот период? Одговорот на овие прашања, според моето мислење, барем во делот на градење/зачувување на македонската национална свест, го претставува едниот од двата круцијални предуслова за опстојување на државата Македонија. Вториот предуслов е деполитизација на институциите и овозможување економски развој на државата Македонија.
Терминот „национален наратив“ се однесува на една нација – поим што претставува производ на модерното политичко мислење во Европа, при што сите европски нации се производ на „замислени заедници“ (Андерсон, 1983 година), сите се конструирани според една доминантна политичка волја и историска програма. За Ернест Ренан (1882 година) поимот нација подразбира два конститутивни елемента: прво, заедничкото минато, наследеното историско и културно паметење, и второ, политичката волја на припадниците на таа заедница да живеат заедно во една држава. Оттука, сведувањето на заедничкото минато, на историската програма на една нација, на содржина според барањето на друга нација, подразбира разнебитување, бришење на првата.
Односот на политичарите во Македонија спрема македонскиот јазик и спрема македонскиот наратив треба да се анализира во два периода, до 1991 и по 1991 година. За периодот до 1991 година, ставот на политичарите можеби најдобро може да се илустрира, на пример, преку пишувањето на еден бугарски историчар за средбата, во декември 1966 г., кога Живков бил пречекан во Белград од Тито и од Крсте Црвенковски: „Се чини дека Крсте Црвенковски бил првиот што зел збор за македонското прашање, и тоа за да оспорат одредени аспекти од националната политика на Бугарија: тој зборувал за ’исчезнувањето’ на македонското малцинство во Пирин, за ’антимакедонските’ текстови од Венко Марковски, за ’патриотската’ бугарска кампања околу Климент Охридски, како и за скандалот меѓу писателите од двете земји.“
За жал, односот на политичарите во суверена Македонија, по 1991 година, спрема македонскиот јазик и спрема македонскиот наратив се карактеризира со непостоење на каква било државна и/или партиска политика и се сведува само на мислења на определени политичари и неуки историчари, кои се карактеризираат, главно, со неконзистентност, ненаучност и често менување заради постигнување определени „повисоки цели“, што доведува да парадоксални состојби.

Кој е македонскиот наратив, македонската национална приказна и како македонскиот наратив се менуваше од 1945 година до денес, особено во последните пет години? Кој е македонскиот наратив за византискиот и средновековниот период? Одговорот на овие прашања, според моето мислење, барем во делот на градење/зачувување на македонската национална свест, го претставува едниот од двата круцијални предуслова за опстојување на државата Македонија. Вториот предуслов е деполитизација на институциите и овозможување економски развој на државата Македонија

Деновиве повторно сме сведоци за менување, заради постигнување определени „повисоки цели“, на македонскиот наратив за византискиот и средновековниот период. Но уверувањата дека Бугарија нема да додаде нови услови за Македонија не се ниту оправдани ниту очекувани – бугарскиот национален наратив според кој Македонците и македонскиот јазик не постоеле до 1945 година е јасен и непроменет во подолг временски период.
Па затоа, ќе го завршам моето обраќање, цитирајќи го професорот Митко Панов, автор на голем број научни трудови и на книгата „Ослепената држава. Самуил Комитопулот и неговата држава (10-11 век)“, првпат објавена во 2019 година во САД, а потоа во Македонија (2021 г.), во кои убедливо покажа дека Самуил не бил „бугарски“ цар, а Самуиловата држава не била „бугарска“ држава. Во неговиот текст објавен во август 2023 година во весникот „Нова Македонија“, Панов заклучува: „Погледнато од денешна перспектива, време е да се деконструираат наталожените политички и идеолошки интерпретации и терминолошки конструкти за Самуил, Самуиловата држава и црква. Особено што под превезот на политичкиот договор и билатералните протоколи со Бугарија, Самуил и неговата држава и црква се проектираат во модерната борба за средновековното наследство на Македонија, а преку историска комисија, која го легитимира политичкиот концепт за некаква замислена и измислена ’заедничка историја‘, се експлоатираат заради идентитетско негирање на постоењето на македонскиот народ и на македонската нација. Проектирањето на историското минато во 21 век за оспорување на современиот идентитет претставува реминисценција на политичкото, идеолошкото и терминолошкото ослепување на Самуиловата држава и црква од страна на византискиот естаблишмент во 11 и 12 век“.