Узбекистан ќе биде домаќин и на ШО во 2026 година, а беше организатор и на женското издание на Турнирот на кандидатките (група Б) во 2022/2023. Узбекистан брзо се искачи во светот на шахот, лани ги освои златото на ШО и среброто на СП, има четворица шахисти меѓу првите 100 во светот, Абдусаторов во 2021 година стана најмладиот што ја освоил титулата светски првак во брз шах…

Древниот узбекистански град Самарканд ќе биде домаќин на Светското поединечно првенство во машка и во женска конкуренција во забрзан и во брз шах, од 26 до 30 декември годинава. Самарканд има историско значење за шахот, оти токму во овој град во 1977 година биле откриени најраните познати шаховски фигури, кои датираат помеѓу шестиот и почетокот на осмиот век од нашата ера, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
– ФИДЕ ја препознава богатата шаховска традиција на Узбекистан и неговото неодамнешно појавување како шаховска велесила. Посветеноста и вложувањето во шахот нѐ наведоа домаќинството на овој престижен настан да му го довериме на Узбекистан – рече претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович, за oфицијалната интернет-страница на ФИДЕ.
Узбекистан брзо се искачи во светот на шахот. На неодамна завршениот голем турнир во Ман, тројца играчи од таа земја беа меѓу првите 20. Узбекистан лани ги освои златото на Шаховската олимпијада (ШО) меѓу 188 репрезентации и среброто на Светското првенство (СП), зад Кина. Узбекистан има четворица шахисти меѓу првите 100 во светот, вклучувајќи го и Нодирбек Абдусаторов, кој во 2021 година стана најмладиот шахист (на 17 години) што ја освоил титулата светски првак во брз шах. СП 2023 следува по успешното домаќинство на Турнирот на кандидатките (група Б) во 2022/2023 во древниот град Хива.
– Узбекистан исто така ќе биде домаќин на ШО во 2026 година, а сегашното домаќинство на таков голем настан како што се СП во забрзан и во брз шах, секако, ќе им даде поголем поттик на подготовките – рече Дворкович.
Актуелен светски првак во забрзан и во брз шах од 2022 година е поранешниот светски првак во класичен шах, Норвежанецот Магнус Карлсен, кај шахистките во забрзан шах шампионка е Тан Жонги од Кина, а во брз шах Бибисара Асуабајева од Казахстан. Во 2018 година Скопје беше домаќин на Европското поединечно првенство во забрзан и во брз шах. Г.И.