Фото: Архива

Речиси пет и пол години по потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција, неговото спроведување во Македонија сѐ уште е тема што предизвикува политички и правни контроверзии. На 14 ноември 2023 г., на дневен ред на седницата на Уставниот суд е иницијативата со која е оспорена одлуката за прогласување на Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија, односно имплементацијата на Преспанскиот договор

Преспанскиот договор повторно пред Уставниот суд

На 40-та седница на Уставниот суд, која е одложена од 8 за 14 ноември, на дневен ред е иницијативата со која е оспорена одлуката за прогласување на Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија, односно имплементацијата на Преспанскиот договор. Оваа иницијатива, пред речиси пет години е поднесена од здружението Светски македонски конгрес и од Солза Грчева. Во иницијативата, како причина за преиспитување на уставноста и законитоста од Уставниот суд се наведува дека со оспорената одлука се повредуваат владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните. Се спори дека меѓународниот договор не бил потпишан од страна на претседателот на републиката, туку од министерот за надворешни работи, кој, според иницијаторите, не поседува активна легитимација и надлежност. Во соопштението на Уставниот суд се вели, „подносителите пишуваат дека меѓународниот договор е ништовен, бидејќи е во колизија со меѓународното право“.

Во што се состои контроверзноста на Преспанскиот договор

Речиси пет и пол години по потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција, неговото спроведување во Македонија сѐ уште е тема што предизвикува политички и правни контроверзии. Самиот процес на негово усвојување во Собранието претставува црна дамка за македонската демократија, со никогаш недемантираните гласишта за гласање под уцени на осуммина пратеници од опозицијата, со кои беше постигнато потребното двотретинско мнозинство. Таквиот начин на усвојување на амандманите за Преспанскиот договор, на своевиден начин беше „најавен и одобрен“ од тогашниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, кој пред гласањето изјави дека тие ќе поминат „на балкански начин“. Освен членството на Македонија во НАТО (по десетгодишното вето на Грција), Преспанскиот договор не ги исполни очекувањата на оние што го потпишаа и поддржуваа, ниту пак ветувањата од меѓународната заедница за понатамошна практично безусловна интеграција на земјава во ЕУ. Пет години подоцна, со сите залудни национални жртви за Преспанскиот договор, Македонија повторно е под уцени за започнување на преговарачкиот процес со ЕУ.
Еден од предлагачите на иницијативите за преиспитување на уставноста и законитоста на амандманите за Преспанскиот договор, Тодор Петров, по одложувањето на најавената седница на Уставниот суд (поради неусвојување на дневниот ред, за друга иницијатива), повторни ги наведува аргументите за оспорувањето.
– Светскиот македонски конгрес на 16 јануари 2019 година поднесе две иницијативи до Уставниот суд: за поништување на Законот за ратификација на спогодбата Димитров – Коѕијас и за поништување на Указот за прогласување на Законот за ратификација на Спогодбата Димитров – Коѕијас.
Спогодбата Димитров – Коѕијас е склучена на 17 јуни 2018 година. Законот за нејзина ратификација е донесен на 20 јуни 2018 година, претседателот на републиката со писмен допис од 26 јуни 2018 година го извести Собранието за причините поради кои не го потпишува Указот за прогласување на Законот за ратификација на спогодбата Димитров – Коѕијас: (1) Потпишана е од неовластено лице, министерот за надворешни работи, наместо со Устав овластен и надлежен – претседателот на републиката, (2) Ја доведува Република Македонија во положба на потчинетост и зависност спрема друга држава, (Република Грција), што претставува кривично дело според членот 308 од Кривичниот законик („Граѓанин кој ќе ја доведе Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема некоја друга држава, ќе се казни со затвор од најмалку пет години“). Претседателот на републиката го предупреди Собранието дека озаконувањето на оваа спогодба создава правни последици што се основа за кривично дело. (3) Спогодбата е во спротивност со Виенската конвенција за договорно право од 23 мај 1969 година: Со билатерален договор не може да се суспендира меѓународното право, во случајов неотуѓивото, неприкосновено и неотстапно веќе апсолвирано универзално право на македонскиот народ на сопствена суверена и самостојна држава Македонија!
Меѓутоа и покрај ова предупредување од претседателот на републиката, Собранието со повторно гласање, пак го донесе Законот за ратификација на спогодбата Димитров – Коѕијас на седницата одржана на 5 јули 2018 година. Претседателот на републиката повторно не го потпиша Указот за негово прогласување, поради што овој закон де јуре и де факто не постои во внатрешниот правен поредок на државата Македонија, бидејќи не е ратификуван во согласност со Уставот! – наведува Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес.

Фото: Архива

Нуспојавите на спогодбата Димитров – Коѕијас

Според повеќе правни авторитети, прекршувањето на уставноста и законитоста во имплементацијата на Преспанскиот договор не завршува само со гласањето на амандманите во Собранието на „балкански начин“. Многу спорни моменти има во целата процедура на неговото воведување во правниот промет на државата.
– Иако според членот 52, ставовите 1 и 2 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ пред да влезат во сила, но најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување, претседателот на Собранието, Талат Џафери, наместо на 12 јули 2018 година, овој закон го објави дури по шест месеци, на 14 јануари 2019 година, со фуснота за одговорност на претседателот на републиката, иако тоа не е надлежност на претседателот на Собранието, туку на Собранието под условите утврдени во Уставот! Светскиот македонски конгрес поднесе кривични пријави за злоупотреба на службената должност и несовесно работење во вршењето на службената должност против претседателот на Собранието и директорот на јавното претпријатие „Службен весник на Република Македонија“, меѓутоа, по правило, Јавното обвинителство ги отфрли пријавите – кажува Тодор Петров за резултатите на своите досегашни правни иницијативи.
Петров потсетува на некои несакани нуспојави на Преспанскиот договор, односно на спогодбата што тој ја нарекува „Димитров – Коѕијас“: се менуваат името на државата Македонија и идентитетот на македонскиот народ; Македонија се откажува од Македонците во светот; ексклузивното право врз културата и историјата на Македонија се пренесува на Атина, а Македонија од држава треба да стане територија без македонски народ и историја. Претседателот на Светскиот македонски конгрес вели дека „Наједноставно, спогодбата ја демонтира државноста на Македонија. Впрочем, затоа се осоколени некои политички партии на Албанците во Македонија, создаваат паралелна држава, подготвени да ја дочекаат поделбата на Македонија помеѓу Бугарија и Албанија“.

(Не)надлежноста на Уставниот суд

Откако Уставниот суд речиси пет години не ги ставаше на дневен ред иницијативите со кои се оспорува уставноста на Преспанскиот договор, во изминативе два месеца расправа за двете претставки поднесени од Светскиот македонски конгрес и Солза Грчева. Претходно, на 33-та седница одржана на 21 септември 2023 година, иницијативите за поништување на Законот за ратификација на спогодбата Димитров – Коѕијас и на Указот за нејзино прогласување, Уставниот суд ги отфрли како неосновани, односно се прогласи за ненадлежен.
– Со оваа скандалозна и небулозна одлука на Уставниот суд, уставните судии со намерно погрешно читање на Уставот создадоа нова уставна пракса за суспензија на уставниот поредок на државата Македонија. За жал, отсега, па натаму, Уставниот суд, спротивно на претходната уставноправна пракса, создаде нова уставноправна пракса дека за нив Указот со кој се прогласува закон не претставува нормативен акт по кој се надлежни да одлучуваат и сите идни иницијативи за оцена на указ за прогласување закон ќе ги отфрлаат. Тоа, пак, ја легализира злоупотребата на претседателот на Собранието и натаму, во иднина, да објавува укази за прогласување закони без потпис на претседателот на републиката на указот за прогласување закон што го донесува Собранието, еднакво на правен хаос во уставноправниот поредок на државата Македонија. Жалам што импликациите од вакво антиуставно дејствување, стручната фела не ги согледува и воопшто не ги коментира, партиите се далеку од тоа да можат да ги разберат овие состојби! – заклучува Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес.