Фото: Федерацијата на училишен спорт на Македонија
  • Новата улога на Мицковска во Светската федерација на училиштен спорт претставува уште едно признание за македонскиот спорт и можност уште посилно да се слушне гласот на Македонија на меѓународната сцена, велат од ФУСМ

Историски момент за македонскиот спорт. Претседателката на Федерацијата на училиштен спорт на Македонија, Елена Мицковска, направи голем и значаен чекор за афирмација на Македонија на меѓународната спортска сцена. Со гордост известуваме дека Македонија првпат доби свој претставник во Извршниот одбор, највисокиот орган на управување, на Светската федерација на училиштен спорт, што претставува големо признание за досегашната работа, но и потврда за напредокот и развојот на училишниот спорт во Македонија, велат од Федерацијата на училиштен спорт на Македонија (ФУСМ).
На Генералното изборно собрание, кое се одржува во Белград, а на кое присуствуваат претставници од земјите членки од целиот свет, Мицковска ги претстави својата програма, визија, мисија и цели за иднината на училишниот спорт. Нејзината визија и посветеност беа препознаени од земјите членки, како и од резибраниот претседател на Светската федерација на училиштен спорт (ИСФ), Србинот Жељко Танасковиќ. Мицковска во следните четири години ќе биде дел од највисокиот орган на управување во Светската федерација на училиштен спорт.
Од првиот ден на чело на Федерацијата на училиштен спорт на Македонија, Мицковска работи посветено на унапредување на спортот кај младите преку поголемо учество на меѓународни натпревари, развој на нови проекти и воведување светски стандарди во училишниот спорт. Македонија веќе се етаблира како сериозен и зрел партнер на Светската федерација на училиштен спорт. Доказ за тоа е успешната организација на Светското училишно првенство во ракомет, кое беше одржано во Македонија и доби високи оценки од сите учесници, пишува ФУСМ.
Во своето обраќање пред земјите членки, Мицковска истакна дека Македонија е држава што силно верува во моќта на спортот, особено кога станува збор за развојот и за иднината на младите генерации. Како потврда за таа заложба ги посочи поддршката и значењето на големите спортски проекти, меѓу кои Светското училишно првенство во ракомет и „Плазма спортските игри за млади“, зад кои застанаа претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски, и министерот за спорт, Борко Ристовски. Новата улога на Елена Мицковска во Светската федерација на училиштен спорт претставува уште едно признание за македонскиот спорт и можност уште посилно да се слушне гласот на Македонија на меѓународната сцена. Генералното собрание при ИСФ продолжува и се очекува да бидат донесени нови одлуки, информираат од ФУСМ. Г.И.