Кај жените, на дебито во Бостон, победи актуелната олимписка шампионка Перес Џепчирчир, а кај мажите Еванс Чебет, за кого ова беше прва голема победа во кариерата

НА МАРАТОНОТ ВО БОСТОН

Двојна победа на преставниците на Кенија на 126-от маратон во Бостон. Во женска конкуренција, на дебито, триумфира актуелната олимписка шампионка и минатогодишна победничка на маратонот во Њујорк, Перес Џепчирчир (28), со време од 2:21;01 часа. За неа ова беше петта победа во низа, од 2019 година, па наваму и, како што изјави, една од најголемите.
– Оваа победа навистина многу ми значи. Сега повеќе верувам во себе. Имам уште повеќе победи пред себе – рече славеничката Џепчирчир.
Кај мажите триумфира Еванс Чебет, со време од 2:06;51 часа, пред сонародникот Лоренс Чероно, најбрзиот во Бостон во 2019 година, и пред ланскиот победник Бенсон Кипруто. За првпат по 2012 година на победничкиот подиум имаше тројца Кенијци.
– Исклучително сум горд. Знаев дека имам сили во моите нозе за да победам. Мојот тренер ми велеше, „кога ќе видиш дека ти се приближуваат, тогаш треба да им покажеш што можеш“ – изјави Чебет (33), за кого ова беше прва голема победа во кариерата.
За првпат во три години, Бостонскиот маратон, на кој имаше над 30.000 учесници, се одржа на традиционалниот априлски датум (на 18-ти, на Денот на патриотите), откако во 2020 година беше откажан, а лани одложен за октомври поради ковид-19.
Годинава се одбележаа и 50 години, од 1972 година, кога на жените за првпат им беше дозволено да трчаат на маратонот. Тогаш настапија само осум маратонки. Претходно на жените тоа им беше забранувано со образложение дека „физиолошки се неспособни“ да истрчаат 42,2 км.