Миновски не само што беше долгогодишен новинар во Радио Битола туку неговиот глас преку неделната емисија „Спорт, музика, спорт“ одекнуваше на брановите на Радио Скопје низ цела Македонија. Тој беше и долгогодишен спортски дописник на „Нова Македонија“, а е познат и како хроничар на битолскиот спорт, за кој напиша десетина книги

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (249)

Ако некој македонски спортски новинар може да се пофали оти располага со толку обемна документација за сите спортови во својот град, тогаш на прво место секако ќе биде битолчанецот Димче Миновски. Тој е навистина жива енциклопедија на спортот во градот под Тумбе Кафе, а дека е тоа така најдобро говорат и многубројните книги во кои се опишани развојот и историјата на најпопуларните спортови во градот. Што се однесува за Битола, пред сѐ тука е неизбежниот ФК Пелистер, за кој има документација дури и од периодот меѓу двете светски војни, потоа ракометниот клуб Пелагонија, подоцна Пелистер, сега Еурофарм Пелистер, а и за атлетскиот клуб Олимпија, кој имаше најголеми ѕвезди во извонредната спринтерска шампионка Вера Велјановска и тркачот на средни и долги патеки Стевче Георгиевски. Но тука не застанаа неговите пишувачки апетити, зашто сметаше оти ќе биде жално ако не ги обработи и другите спортови што виреат и имаат традиција во Битола. Продолжи со пишување, па така, на следните поколенија им остава едно богатство, практично им ја сервира спортската историја во која се вткаени многу резултати и подвизи на битолските спортисти.
Затоа не е случајно што во насловот ставив хроничар и жива енциклопедија, зашто навистина е тоа. Тој е човек што се занимава и со истражувачко новинарство, па така, често ги отвораше вратите од архивите и „копаше“ низ насобраните материјали да пронајде нешто значајно, нешто што ќе му го привлече вниманието.

БЕЗ СОСТАВ, САМО БРОЈ

Се сеќавам, кога во една пригода почна да ми се жали, и ми вели: „Зоки, верувај се убив од барање во битолскиот архив да најдам нешто за фудбалот, ако ништо повеќе да го запишам барем составот на фудбалскиот тим што му претходеше на појавата на ФК Пелистер. Архивот не да нема материјали, напротив има, ама извештаите од весниците или другите записи за фудбалските натпревари беа многу штури и малку ми помогнаа. А, еве зошто, на пример сакам да видам кој бил стрелец на голот или головите, кој бил најдобар голман, одбранбен играч. Но, верувај, никаде не најдов име и презиме, зашто наместо тоа, го имаше само ова: битолчани победија со 1-0, а голот го постигна фудбалерот со број 9. Е, сега која е таа ’деветка‘, оди барај. За среќа, имаше постари битолчани, кои уште од дамнешни времиња ги следеа фудбалските збиднувања, па од нив ќе дознаев нешто повеќе за тоа кои биле играчите. Така ќе дојдев до некое име и презиме, па ќе видев кое му е семејството, а потоа тргнував во потрага да дознаам нешто повеќе“.
Но тоа не беше случај само со фудбалот, туку воопшто со сите спортови. По Втората светска војна работите многу се сменија. Спортот, особено фудбалот, стана разонода за сите граѓани, па така и новинарите некако беа принудени да бидат поконкретни и во своите извештаи, актерите не беа означувани само со бројот што го носат, туку со име и презиме. Така, се знаеше точно за која личност се работи. На тој начин почнаа да се создаваат идолите, а спортското новинарство доби една нова многу посериозна димензија.

ПЕЛИСТЕР СПОРТСКИ СИНОНИМ ЗА ГРАДОТ

Миновски знаеше да почувствува кој спорт колку може да придонесе за афирмацијата на градот, затоа тој во своите написи токму на тие спортови и клубови им посветуваше посебно внимание.
– Меѓутоа името Пелистер беше вистински синоним, не само за спортот туку и за цела Битола. Без разлика за кој клуб се работи, ракометен или фудбалски, Пелистер е наш битолски. Цела поранешна Југославија со почит гледаше кон тоа име, а ние како битолчани бевме горди на тоа и се радувавме на секој успех на фудбалерите или на ракометарите, подоцна и на боксерите, кои во поранешната држава беа прволигаши. Сега радости ни носат и кошаркарите, кои играат значајна улога во шампионатот на Македонија. Градот имаше спортски клубови и друштва со други називи, но и тие беа препознатливи на поранешните југословенски простори, бидејќи нивните бои ги бранеа квалитетни спортисти. Така, немаше атлетски вљубеник што не знаеше оти една од најбрзите Југословенки во тоа време (70-тите години), Вера Велјановска, беше членка на битолска Олимпија. Што е интересно, таа повлече зад себе една плејада момчиња и девојки што зачекорија по нејзините стапки. Некои од нив се вивнаа на атлетското небо, други не успеаја. Но сите тие придонесоа да се одржи многу одамна создадена атлетска традиција. Најдалеку од сите нив стигна Стевче Георгиевски, кој беше балкански првак во крос. Интересно е дека надвор од Македонија кога ќе се споменеше некое позвучно име на некој битолски атлетичар, сите мислеа дека е член на Пелистер. Самото ова покажува колкава тежина во спортскиот свет имаше тоа име. Затоа Пелистер и натаму треба да се негува, зашто тој е симболот на градот. Ако, пак, идните генерации дозволат да го снема од спортската мапа, тогаш и Битола ќе го снема најзначајниот сегмент од својата спортска историја – вели Димче.
На Миновски му е особено мило што тој во еден период, и тоа во ерата на Вера Велјановска, беше претседател на АК Олимпија. Во годините кога брзоногата девојка, наречена „битолска газела“, како метеор се вивна на атлетското небо, Миновски се избори да се создадат услови за непречена работа на атлетичарите. Тој во напорите атлетиката да се издигне на повисоко ниво имаше поддршка од еден од првите атлетски тренери во Македонија, Васко Вангелов, и од неговиот брат Илија Чукалков. Тие имаат голема заслуга што неколку години Битола беше македонски атлетски центар.

НАД 3.000 РАДИОПРЕНОСИ

Она погоре беше само еден фрагмент што говори за дел од активностите на Димче Миновски во спортот. Тој пред десетина и повеќе години, кога ФК Пелистер западна во тешка криза, беше и негов привремен претседател, а во неговата биографија ќе биде запишано дека беше и прв човек на битолскиот Сојуз на спортовите. Едноставно, тој е човек со големо искуство и познавање во сите сфери, не само во спортот туку и во општественото живеење. Затоа, токму тој секогаш беше посакуван од битолските спортски клубови да го видат во својата средина.
Инаку, што се однесува до новинарството и литературата, неговиот опус е огромен. Покрај веќе издадените книги за историјата на неколкуте спортови во Битола, подготвена за печат, и тоа на 900 страници, е историјата на фудбалот во Битола, а чекаат да го видат и светлото на денот книгите за боксот, скијањето и за планинарството на по 250 страници. Но пишувањето за спортот не е основната преокупација на Миновски. Тој од многубројните контакти со луѓето, особено со оние што го напуштија родното огниште, не му беше тешко да напише и приказни на 180 страници за битолските иселеници што живеат на сите страни од Земјината топка.
– Имам снимено и 200 документарни емисии, кои одеа на локалните ТВ- станици – додава Димче Миновски и вели дека, сепак, најголемо задоволство му причинува фактот што во својата новинарска кариера има реализирано над 3.000 радиопреноси.
– Многумина ќе се зачудат, но тоа е вистина, зашто на Радио Битола во кое го минав професионалниот век, секоја недела одеа преноси од фудбал, ракомет, бокс и од други спортови. Во неделите претежно бев ангажиран со фудбалските преноси од средбите на Пелистер, кои беа емитувани во рамките на популарната емисија на Радио Скопје, „Спорт, музика, спорт“, која одеше на програмата во недела попладне. Беше навистина напорно да се стигне насекаде, но истовремено беше и многу возбудливо. Едноставно задоволството од тоа што го работев го „покриваше“ заморот. Покрај сите ангажмани што ги имав во почетокот од седумдесеттите години станав и спортски дописник на „Нова Македонија“ – вели тој.
Димче Миновски се јавуваше на страниците на првиот македонски весник цели 30 години од 1971 до 2001 година. Во тој период читателите имаа комплетни информации за случувањата во битолскиот спорт, а во понеделниците со нетрпение ги очекуваа извештаите од средбите на фудбалерите и на ракометарите на Пелистер, кои беа учесници и во најквалитетните лиги во поранешната држава. Многу читани беа и неговите написи посветени на првата македонска хималајска експедиција, во која најистакнато име беше Димитар Илиевски-Мурато. Тој, во мај во 1989 година, стана првиот Македонец што се искачи на највисокиот врв во светот Монт Еверест, но, за жал, на враќањето по подвигот остана „заробен“ во снежните белини и хималајското студенило.
Но ова претставување на Миновски нема да биде целосно, ако не кажам оти тој е автор и на десетина романи. Во повеќето од нив тема се случувањата и животот во Битола во средновековниот период, додека има романи и со посовремени теми.
Сиот овој творечки опус ни дава за право да кажеме дека Димче Миновски е вистинска легенда. Бележејќи ги битните настани во Битола, не само спортски, и тој и самиот се вгради во историјата на својот град.


ДИМЧЕ МИНОВСКИ

Истакнат спортски новинар
Роден: во 1942 година
Кариера: Професионален новинар во Радио Битола, со над 3.000 преноси. Дописник на „Нова Македонија“, 30 години спортски дописник на Радио Скопје. Публицист со десетина книги за битолскиот спорт, автор на десетина романи, а на 160 страници има написи за нашите иселеници
Спортски активности: Претседател на АК Олимпија, претседател на СОФК на Битола, извесен период и на ФК Пелистер, портпарол на Гимнастичката федерација на Македонија