ЏУДО

Џудо-клубот Миоки од Скопје изминатиов викенд постигна забележителен резултат на меѓународниот турнир, кој во организација на ЏК Кинезис се одржа во Ниш (Србија). Претставниците на Миоки освоија вкупно четири медали во две категории.
Во возрасната категорија до 13 години, златен медал освои Емилија Паскоска (категорија до 40 кг), а сребро Виктор Трчков (до 66 кг). Во возрасната категорија до 15 години, злато освои Хамида Друштинац (до 40 кг), а бронза Петар Давчев (до 66 кг).
Тренерот на клубот, Игор Паскоски, е задоволен од настапот на своите членови.
– Покрај наградените џудисти, на турнирот одлични борби покажаа уште Марко Панчевски и Михаил Талески – рече Паскоски.
Паскоски неодамна го доби признанието „13 Ноември“, за најдобар тренер на град Скопје.
– Во мое отсуство, среќен сум што една млада талентирана џудистка, мојата ќерка Емилија, ја прими наградата „13 Ноември“ од Сојузот на спортови на Град Скопје. Признание за достигнувања во спортот е доказ дека постојат спортски работници, институции или љубители на спортот што ја следат, препознаваат и поддржуваат работата на тренерите со своите ученици, спортисти, репрезентативци. Голема благодарност до Сојузот на спортови на Град Скопје – рече Паскоски, кој е и селектор на кадетската репрезентација на Македонија. Г.И.