Кај шахистките, Куманово и Гостивар ги забележаa првите победи, а кај шахистите Гамбит Асеко СЕЕ го претрпе првиот, а Прилеп вториот пораз
ШАХ – ЕВРОПСКИ КЛУПСКИ КУП, ВТОРО КОЛО
Шахистките на Центар Асеко СЕЕ (2.326 рејтинг-поени, рангирани седми пред почетокот на турнирот), по победата во првото коло на Европскиот клупски куп (ЕКК) во Драч (Албанија), во второто направија подвиг, ремизирајќи 2-2 со екипата на Монте Карло (2.497, рангирана прва).
Клубот од Монако, кој е седумкратен европски првак (2007, 2008, 2010, 2012, 2013, 2016 и 2018 година), годинава има рејтинг поголем за 171 поен од скопјанки и за тој клуб играат поранешната светска првенка Марија Музичук (во 2015 година) и нејзината сестра и вицепрвенка на светот од 2017 година, Ана Музичук. А, токму ВМ Марија Музичук (2.519, рангирана прва на ЕКК, а осма во светот), со бели фигури загуби на првата табла од ИМ од Грција, Ставрула Цолакиду (2.375, рангирана 25-та) во 71-от потег.
На втората табла ВМ Ана Музичук (2.510, рангирана втора на ЕКК, а 10-та во светот), ремизира со ИМ од Естонија, Маи Нарва (2.399, рангирана 18-та), во 32-от потег. На третата табла ИМ од Шпанија, Сарасадат Хадемалшариех (2.476, рангирана петта), го подели поенот со ЖВМ од Бугарија, Викторија Радева (2.289, рангирана 40-та), која ги брани боите на Гамбит Асеко СЕЕ, во 39-от потег и на четвртата табла членката на Центар Асеко СЕЕ, ЖВМ од Србија, Марина Гајчин (2.237, рангирана 54-та) загуби во 54-от потег од ВМ од Германија, Елизабет Патец (2.484, рангирана трета). По две кола, двете екипи имаат по 1,5 екипен поен.
Другите две македонски женски екипи ги забележаа првите победи и имаат по два бода. Куманово (2.026, рангиран 17-ти) со 3-1 ја совлада екипата на Тирана (1.930, рангирана 23-та), а Гостивар (2.084, рангиран 19-ти) со максимални 4-0 го надигра Хелсинки (1.998, рангиран 25-ти). Кај шахистките по две кола на годинашниот ЕКК водат Суперчес (Романија), Гаруда (Унгарија), Тајфин (Словенија) и Теута (Албанија), сите со по четири поени.
Во машка конкуренција и двете македонски екипи загубија. Гамбит Асеко СЕЕ (2.352, рангиран на 31-то место) по стартната победа, загуби со 0,5-5,5 од азербејџански Вугар Гашимов (2.545, рангиран 10-ти), а Прилеп (2.040, рангиран 75-ти) од исландски Акурејри (2.177, рангиран 54-ти) со 1,5-4,5. По две кола, скопјани имаат два бода, а Прилеп е без бодови. Дури 18 екипи засега имаат по две победи.
Кај шахистите на ЕКК учествуваат 84 клуба со 599 шахисти, а кај жените настапуваат 26 клуба со 121 шахистка. Г.И.