Нововостановената меѓународна награда, која биенално ќе ја доделува Црногорската кинотека, го носи името на легендарниот бард на сценариото на југословенската кинематографија, Ратко Ѓуровиќ, со култните филмови „Козара“, „Битката на Неретва“, „Човекот што треба да се убие“, кои ги гледале милиони гледачи по сите меридијани. Прв добитник на ова високо признание е македонскиот драматург и сценарист Јордан Плевнеш, носител на повеќе светски признанија за неговото уметничко творештво, за неговата мисија во афирмацијата на балканските кинематографии на Фестивалот на Југоисточна Европа во Париз, Берлин и Вашингтон, и претседател на интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“.
Во образложението на жирито во состав: Радослав Т. Станишиќ, Драшко Ѓуровиќ и Јована Бојовиќ, се вели дека првата награда со името на Ратко Ѓуровиќ му се доделува на лауреат што е македонски хуманист и писател објавуван и игран во над 30 земји во светот, автор на повеќе сценарија за играни и документарни филмови посветени на легенди на светската култура.
– Јордан Плевнеш е непоправлив идеалист и меланхолик, а Ратко Ѓуровиќ е непоправлив оптимист и колерик. Двајцата извонредни интелектуалци со широко образование и ерудиција. Ратко Ѓуровиќ ја формира првата катедра за сценарио и драматургија на Академијата за театар и филм во Белград, а Плевнеш е основач на интернационалниот универзитет за аудиовизуелни уметности „Еуропа Прима“. Јордан Плевнеш соработуваше со легендарните творци Питер Брук и Роберт Вилсон, а нашиот професор Ратко Ѓуровиќ со Рене Клер и Уго Пир – се вели во одлуката.
На свечената церемонија одржана минатиот викенд во Црногорската кинотека, под наслов „Балканофилмофилија Париз – Берлин – Вашингтон – Подгорица“, наградата на Плевнеш му ја врачи директорот на кинотеката, Горан Бјелановиќ, со пригодна беседа за неговото творештво. Во рамките на манифестацијата беа прикажани наградени филмови од Фестивалот на Југоисточна Европа, а со посебно обраќање на претседателот на меѓународното жири, Фабрис Далмеида, наградата „Фредерик Росиф“ му беше врачена на црногорскиот автор Владимир Перовиќ.