Концерт на кој гостува Меѓународниот камерен оркестар на Кампанија од Италија, во кој учествуваат и македонски млади музичари членови на камерниот оркестар „Скопски солисти“, се одржа вчера во Скопје, по што нивната турнеја продолжува во Бугарија, Грција и Албанија. Наши млади музичари, заедно со овој оркестар, во август годинава настапуваа на турнеја во Италија, а сега се претставија и во Скопје.
Меѓународниот камерен оркестар на Кампанија е симфониски ансамбл со забележителни заслуги и професионализам, кој одржува концерти низ Италија веќе седум години. Тие изведуваат камерни, симфониски и оперски дела и негуваат голем репертоар од музичката ризницa. Ансамблот е флексибилен, почнувајќи од мали камерни до големи симфониски состави. Во овие години тој успешно одржа повеќе од 300 концерти низ Италија на големи фестивали и голем број оперски сезони. Забележливо е создавањето на операта „Рита“ од Доницети во 2022 година, изведена на „Битонт опера фестивал“. Во август годинава четворица македонски млади уметници членови на камерниот оркестар „Скопски солисти“ учествуваа на турнејата во Италија и имаа успешни настапи со Меѓународниот камерен оркестар на Кампанија. Овој оркестар редовно настапува на манифестации и фестивали во цела Италија, а оваа 2023 година е многу динамична со важна италијанска турнеја и турнеи во Бугарија, Романија, Македонија, Грција и Албанија.
Диригент е Вјачеслав Квадрини Чајковски, како солисти настапуваат Дебора Коланџело, мецосопран, Билиа Вјачеслав, труба, и Башким Барбулуши, кларинет.