Бронзен медал за Дејан Георгиевски

ТАЕКВОНДО – „СОФИЈА ОПЕН 2023“

Поради повреда на десната дланка, Георгиевски не настапи во полуфиналето
Носителот на сребрен медал од Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, Дејан Георгиевски, освои бронзен медал на меѓународниот таеквондо-турнир од светската серија Г2, „Софија опен 2023“ (Бугарија). Георгиевски забележа две победи, против Гркот Михопулос Сотирос и Украинецот Харбар Андреј, со што освои нови поени потребни за олимписка норма на ЛОИ 2024 година во Париз.
– Георгиевски во полуфиналето требаше да се бори со стариот познаник Чеик Салах Сисе од Брегот на Слоновата Коска, но поради повреда на десната дланка на Дејан, не дојде до таа борба. Се надеваме дека не станува збор за скршеница. Таеквондото е фулконтактен боречки спорт во кој многу често се минува низ пеколни повреди. Дејан поминал премногу и тоа го прави вистински шампион – информираат од Таеквондо-федерацијата на Македонија.
Следниот турнир на кој треба да настапи Георгиевски е во Белгија за две недели. Г.И.