ВМ Звонко Станојоски му пружи достоен отпор на светскиот првак Магнус Карлсен

Македонската машка и женска шаховска репрезентација не успеаја да ги изненадат објективно посилните селекции на Норвешка и Словенија, и ги претрпеа третите порази во седмото коло на 44. Шаховска олипијада (ШО) во индискиот град Ченаи. Шахистите, рангирани 61-ви пред почетокот (2.389 просечен рејтинг), од 187 селекции со вкупно 937 шахисти (235 велемајстори), пружија достоен отпор на Норвешка, рангирана трета (просечен рејтинг 2.692 поени) загубувајќи минимално со 1,5-2,5 поени.

ВМ Звонко Станојоски со црни фигури му пружи достоен отпор на актуелниот светски првак Магнус Карлсен и по речиси четири и половина часа игра, сепак го призна поразот во 69-от потег, откако Карлсен извади и втора кралица на таблата. Цел поен освои ФМ Тони Лазов на втората табла, кој во ефектен стил исплете неодбранилив напад на белиот крал, принудувајќи го на големи материјални губитоци. ИМ Емил Ристески загуби откако неговиот крал се најде во инфериорна позиција, а ИМ Никола Николовски ремизираше во еднаква блокирана позиција на таблата

Женската репрезентација на Македонија, пак, рангирана 71-ва (1.863) од 161 репрезентации со 798 натпреварувачки (15 ВМ), загуби со 0,5-3,5 од Словенија, рангирана 26-та (просечен рејтинг 2.245 поени). Единствено Ивана Манова успеа да ремизира во еднаква позиција на по една кралица и коњ, додека ЖФМ Моника Стојковска, Леа Ефтовска и Моника Жежовска ги загубија партиите. Манова е засега и најуспешната македонска претставничка со 4,5 поени од седум партии (Ќетири победи, едно реми и два пораза). Со овие порази, моментниот пласман на двете македонски селекции ќе се расипе. Останатите партии од ова коло се уште беа во тек. Г.И.

НОРВЕШКА – МАКЕДОНИЈА 2,5-1,5

ВМ Магнус Карлсен (2.864) – ВМ Звонко Станојоски (2.412) 1-0 (69 потези)

ВМ Ариан Тари (2.672) – ФМ Емил Ристески (2.405) 1-0 (32)

ВМ Јохан Себастијан (2.593) – ИМ Тони Лазов (2.374) 0-1 (37)

ВМ Фроде Уркедал (2.555) – ИМ Никола Николовски (2.366) реми (55)

МАКЕДОНИЈА – СЛОВЕНИЈА 0,5-3,5

ЖФМ Моника Стојковска (2.091) – ВМ Жала Урх (2.321) 0-1 (29 потези)

Ивана Манова (1.849) – ЖИМ Лара Јанжељ (2.215) реми (43)

Леа Ефтовска (1.634) – ЖИМ Теа Видич (2.099) 0-1 (33)

Моника Жежовска (1.588) – ЖФМ Моника Рожман (2.104) 0-1 (22)


В недела се избира претседател на ФИДЕ

В недела покрај претседател и потпретседател на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) во рамките на Шаховската олипијада во Ченаи, дополнително ќе се бираат уште четири потпретседатели. Гласањето ќе биде тајно. Мандатот за претседател изнесува четири години. Кандидати за оваа функција во следниот период се: Андри Баришполетс (Украина), Аркадиј Дворкович (Русија), Бачар Коатли (Франција) и Иналбек Черипов (Белгија). Според правилата на ФИДЕ, секој кандидат за претседател, треба да има официјална поддршка од најмалку една држава од секој континент.