Фото: Тенисворлд

Судот го објави исказот на Новак Ѓоковиќ

Австралискиот суд објави низа документи поврзани со случајот на Новак Ѓоковиќ, вклучувајќи го исказот на најдобриот светски тенисер, кој опиша што му се случувало по неговото пристигнување во Мелбурн. Во документите е наведено како Србинот бил изложен на испрашување пред да му биде соопштена владината одлука за укинување на неговата виза, пренесуваат светските медиуми. Ѓоковиќ одбил да го потпише документот што му бил даден на аеродромот во Мелбурн.

– Мојот агент и јас сторивме се што беше барано од нас при барањето за влез во Австралија. Верував дека ги исполнив прописите со оглед дека ми беше дозволен влез во Австралија. Не разбирав што се случува. И не разбирав зошто се разгледува укинувањето на мојата виза. Бев разочаран и збунет – се наведува во исказот на Ѓоковиќ.

Австралиската влада се согласи да ја повлече одлуката за укинување на визата на најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ, што значи дека визата со која Србинот пристигна во Австралија е важечка. Беше одлучено тој да биде пуштен од хотелот во Мелбурн во кој престојуваше во изминатите неколку дена и ќе му бидат вратени пасошот и личните работи. Ова е исходот од судското рочиште за случајот на Ѓоковиќ кое заврши утринава.