Арабидѕе и Киолбаса на чекор до титулата

ШАХ – 23. ПОЕДИНЕЧНО ЕП ЗА ЖЕНИ

Катерина Петровска (1.907, рангирана 117-та пред почетокот на турнирот) освои половина поен, додека Ивана Манова (1.923, 115-та) и Моника Жежовска (1.761, 126-та) загубија во 10-то, претпоследно коло на 23. Европско поединечно првенство (ЕП) во шах, во Петровац (Црна Гора), со 136 шахистки од 35 држави.
Петровска, која ја имаше предноста на почетниот потег, испушти победа против Турчинката Ѓул Басами (1.524, 132-та), ремизира во 84-от потег. Манова (која, пак, ја победи токму Басами во 8-то коло) како „бела“ во сицилијанска одбрана загуби во 40-от потег од ЖИМ од Словенија, Теја Видиќ (2.097, 95-та). Жежовска со бели фигури во гринфелдова-индиска одбрана загуби од Словачката Андреа Слаба (2.061, 98-та).
По 10-то коло, Манова е 114-та со 3,5 поени, Жежовска е на 127-то место со три поени (плус 40,4 р.п.), додека Петровска е на 132-то со 2,5 поена. На врвот, пак, најблиску до шампионската титула се ИМ од Грузија, Мери Арабидѕе (2.433, рангирана деветта) и ИМ од Полска, Оливија Киолбаса (2.406, 15-та), и двете имаат по осум поени. Половина поен помалку имаат ИМ од Грција, Ставроула Цолакидоу (2.358, 31-та) и ИМ од Грузија Саломе Мелиа (2.366, 27-та). Г.И.