Фото: ЕПА
  • Тој ме тера да ги сфатам моите слабости, на што навистина треба да се фокусирам на секој тренинг и на секој натпревар, па затоа се обидувам да се подобрувам секој ден. Одлично е што го имам како фокусна точка и да го гледам како постигнува сѐ што постигнува, изјави Алкараз

Јаник Синер е еден од оние играчи што ме прават подобар играч. Тој ме тера да ги сфатам моите слабости, на што навистина треба да се фокусирам на секој тренинг и на секој натпревар, па затоа се обидувам да се подобрувам секој ден. Одлично е што го имам како фокусна точка и да го гледам како постигнува сѐ што постигнува, изјави Карлос Алкараз, пренесе Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП).
Алкараз се подготвува за настап на тенискиот турнир во Барселона, од серијата 500, по поразот во финалето од Синер на мастерс-турнирот од серијата 1.000, во Монте Карло неодамна, по кој му го предаде на Синер првото место на ранг-листата на АТП. Алкараз и Синер го почнаа соперништвото сезонава во неделата во финалето во Монте Карло, каде што Италијанецот ја освои својата прва титула во таа категорија на земја.
Шпанецот во пресрет на турнирот во Барселона зборуваше за својата интензивна трка за врвот со Синер, пишува АТП.
– Искрено мило ми е што го гледам Јаник како се подобрува. Тој отворено кажа дека сезоната на земјена подлога не му била омилена поради неговиот стил на игра. Гледањето на резултатите што ги остварува и на нивото што го покажува на земјена подлога ме прави среќен, бидејќи тој е играчот што ме тера да се подобрам, ме тера да застанам и да размислам како можам да бидам подобар и на што треба да работам за да се обидам да го победам – рече Алкараз, кој беше бранител на титулата во Монте Карло, пренесе АТП.
За Алкараз, сезоната продолжува во Барселона, каде што е прв носител.
– Нема да ми недостига неделава – се пошегува Алкараз за отсуството на Италијанецот од тој турнир. – Видов дека морам да го освојам турнирот во Барселона ако сакам да го вратам првото место. Мислам дека трката помеѓу Јаник и мене е одлична. Мислам дека веројатно ми дава дополнителна мотивација.

Но ние сме фокусирани и мојот ум е насочен кон обидот да останеме на патот по кој одиме, обидувајќи се да продолжиме да се подобруваме. Многу сме јасни во врска со тоа што треба да правиме и да го примениме во пракса на тренинзите и на натпреварите, особено по неделниот пораз. Тоа е главната цел, резултатите и бодовите се дополнителна мотивација – рече Алкараз, пренесе АТП.
Синер се врати на првото место на ранг-листата на АТП по освојувањето на титулата на мастерс-турнирот од серијата 1.000 во Монте Карло викендов, а со трофеите на турнирите во Индијан Велс, Мајами и во Монте Карло сега има 13.350 поени, наспроти 13.240 на Алкараз. Претходен пат кога Синер беше на првото место во светот беше една недела, почнувајќи од 3 ноември лани, кога го освои мастерс-турнирот во Париз, но ја напушти водечката позиција по почетокот на финалето на АТП. Алкараз пред турнирот во Монте Карло беше број 1 во светот, вкупно 66 недели на врвот на ранг-листата на АТП. Синер сега ја почна својата 67. недела на првото место, со што е на 12. место за најмногу недели како број 1. ​​Стефан Едберг (Шведска) е 11-ти со 72 недели, пишува АТП. Синер првпат стана број 1 во светот на 10 јуни 2024 година по гранслем-турнирот Ролан Гарос таа година, а со останувањето на таа позиција 65 недели во низа им се придружи на Роже Федерер (237 недели), Џими Конорс (160), Лејтон Хјуит (75) и на Новак Ѓоковиќ (53) како единствени тенисери чиј прв престој на првото место на ранг-листата на АТП траеше најмалку една година, пишува АТП. Н.М.