Фото: ЕПА

Мојот сон во тенисот во моментов е да станам еден од најдобрите тенисери во историјата. Знам дека ова е голем сон, веројатно преголем. Но треба да сонуваш големо, а и да размислуваш големо, рече Алкараз, пренесе АТП

Карлос Алкараз постигна историски подвизи во својата досегашна кариера, откако шпанскиот тенисер, кој денеска полни 20 години, лани стана најмладиот светски рекет број 1 во историјата на рангирањето на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП), ја освои својата прва гранслем-титула на САД опен и веќе освои три мастерс-турнири од серијата 1.000, пишува АТП на својата интернет-страница.
Откако се пласира во полуфиналето на мастерс-турнирот во Мадрид, тој јасно стави до знаење дека уште е гладен за повеќе.
– Мојот сон во тенисот во моментов е да станам еден од најдобрите тенисери во историјата. Знам дека ова е голем сон, веројатно преголем. Но треба да сонуваш големо, а и да размислуваш големо – рече Алкараз, пренесе АТП.
Алкараз го одигра својот 150-ти натпревар на ниво на турнеја во средата и сега има 117 победи и 33 порази според статистиката на Инфосис АТП. Тој победи во 78 проценти од неговите натпревари, што е подобро од остварувањата во кариерата на легендите, вклучувајќи ги Пит Сампрас (77,4 насто), Борис Бекер (76,9), Гиљермо Вилас (76,2), Андре Агаси (76), Артур Еш (75,4), Енди Мареј (75,2) и Стефан Едберг (74,8), пишува АТП.
Шпанецот во минатата година стана најмладиот шампион во историјата на турнирот во Мадрид и е на две победи од одбрана на титулата на домашен терен. Тоа би значело првпат да победи на мастерс-турнир од серијата 1.000 две години по ред. Алкараз не ги зема здраво за готово таквите можности додека го продолжува своето патување.
– Сакам да бидам дел од најдобрите тенисери во историјата и ќе работам за тоа – рече Алкараз. Н.М.