На Алкараз нема да му биде лесно да го задржи првото место, оти на турнирот во Мајами ќе брани 1.000 бода и само доколку победи ќе остане на првото место. Најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски напредуваше за две места и сега е највисоко во кариерата, на 475-та позиција

ТЕНИС – АТП-ЛИСТА

Шпанскиот тинејџер, 19-годишниот тенисер Карлос Алкараз, триумфира на мастерс-турнирот од серијата 1.000 во Индијан Велс (САД), совладувајќи го во финалето Русинот Данил Медведев со 6-3 и 6-2 и со вкупно 7.420 бода сега е прв на светската АТП-листа, пред Србинот Новак Ѓоковиќ, кој сега има 7.160 поени. Медведев се искачи од шестото на петтото место.
Ова беше прва средба помеѓу Алкараз и Медведев од првото коло на Вимблдон во 2021 година, што беше и нивна единствена средба досега. Русинот тогаш лесно победи во три сета.
– Неверојатно е чувството да се крене трофејот тука. Мојот сон повторно се оствари. Да се биде пред такви големи играчи како Ѓоковиќ е одлично чувство. Ова беше совршен турнир за мене – изјави Алкараз.
Сепак, на Алкараз нема да му биде лесно да го задржи првото место, оти на следниот турнир, во Мајами, ќе брани 1.000 бода и само доколку победи ќе остане на првото место. За Шпанецот ова е трета победа на мастерс-турнир од серијата 1.000 во неговата кариера, а е само втор играч по сонародникот Рафаел Надал (35) што освоил најмалку три титули мастерс 1.000 како тинејџер (Надал има шест). Алкараз е најмладиот светски рекет што го освоил гранслем-турнирот САД опен, во септември лани (19 години и четири месеци).
Поразот на Медведев беше прв по 19 победи во низа, откако дојде на турнирот по триумфите во Ротердам, Доха и во Дубаи. Надал првпат испадна од првите 10 во светот по април 2005 година, односно серијата од 912 недели во низа, и сега е на 13-то место. Канаѓанецот Феликс Оже-Алиасим напредуваше четири места и се најде на шестото место. Полјакот Хуберт Хурач се искачи за две места и е деветти, а Американецот Тејлор Фриц падна пет позиции и сега е 10-ти во светот.
Најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски напредуваше за две места и сега е највисоко во кариерата, на 475-та позиција со 86 бода, а најдобрата Македонка, Лина Ѓорческа, напредуваше едно место и е 217-та со 309 бода.
Кај тенисерките без промени, прва е Ига Швјонтек од Полска (9.975 поени), пред Арина Сабаленка од Белорусија (6.740) и покрај тоа што загуби во финалето на Индијан Велс од Казахстанката Елена Рибакина, која, пак, напредуваше три места и сега е седма со 3.720 бода, а трета е Џесика Пегула од САД (5.605). Г.И.