Алкараз, кој победи во 2022 и во 2023 година на овој турнир во Мадрид, се натпреварува на својот прв европски турнир на земјени терени сезонава и ќе се обиде да стане првиот играч што освоил три титули по ред на овој мастерс-турнир. За титулата ќе играат и рекордерот Надал, двократниот шампион Зверев, првиот носител Синер…
ТЕНИС – МАСТЕРС-ТУРНИР ОД СЕРИЈАТА 1.000
Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз ќе се обиде да испише историја на мастерс-турнирот во Мадрид во следните две недели, кога има за цел да стане првиот играч што освоил три последователни титули на мастерс-турнирот од серијата 1.000 во главниот град на Шпанија, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП).
Алкараз, кој победи во 2022 и во 2023 година на овој турнир во Мадрид, се натпреварува на својот прв европски турнир на земјени терени сезонава, откако ги пропушти турнирите во Монте Карло и во Барселона поради повреда на десната рака. Тој ќе ја почне одбраната на титулата со меч против Александар Шевченко или Артур Риндеркнех.
Рекордерот со пет титули на турнирот во Мадрид, Рафаел Надал, го продолжува враќањето на тениските терени. Шпанецот, кој стигна до второто коло минатата недела во Барселона, ќе игра со американскиот тенисер Дарвин Бланш во првото коло. Последниот триумф на 37-годишниот шампион на овој турнир на земјена подлога беше во 2017 година, кога во финалето го победи Доминик Тим.
Четвртиот носител Александер Зверев е во иста половина на ждрепката со Алкараз. Германецот е двократен шампион во Мадрид и почнува со дуел со Борна Чориќ или со квалификант. Јаник Синер е првиот носител на овој турнир во Мадрид и во првото коло ќе игра со Лоренцо Сонего или со квалификант. Италијанецот освои три титули сезонава и би дошол на 330 поени од светскиот број 1, Новак Ѓоковиќ, ако ја освои својата втора круна на мастерс-турнирите 1.000 годинава, пишува АТП. Н.М.