Фото: Архива

Повикувањето на „спомените“ од 2001 и извиците „УЧК“, во македонскиот предизборен амбиент се толкуваат како недозволиви пораки за „повторно преземање оружени акции доколку биде прекинат дваесетгодишниот континуитет во партиципирање во власта на политичкиот субјект произлезен од паравоената формација УЧК“. Воинствените повици на толпа граѓани одекнуваа во центарот на главниот град на Македонија, но исто така и одѕвонуваа во сеќавањата на сите граѓани на нашата држава, потсетувајќи ги на крвопролевање, човечки жртви, материјални штети, сторени (и сѐ уште нерешени) тешки воени злосторства…

Пораки во јавноста за повторно преземање оружени акции доколку биде прекинат дваесетгодишниот континуитет за партиципирање во власта

Линиите на т.н. црна кампања се недвосмислено препознатливи. Движењата по тие линии од страна на одредени политички субјекти се во еден континуитет: од наративи со лични дисквалификации на политичкиот конкурент, преку навреди, клевети и обиди за деградација на опонентската партија, па сѐ до заплашување и застрашување со можна опасност по животот и имотите на луѓето. Но кога во таквите црни кампањи ќе бидат вметнати застрашувања со упатени безбедносни закани за државата и граѓаните (доколку не се биде дел од власта), состојбите излегуваат сосема надвор од дефинициите за фер, демократски и мирни (пред)избори.

Обвинувања дека некој ја мати водата – низводно…

Се сеќавате ли на онаа народната приказна кога волкот го обвинува јагнето дека ја мати водата, иако јагнето минувало/газело во поточето многу подолу и низводно… Такво нешто ни се случува на јавната сцена и нам. Имено, во измешаните пораки и „споени“ кампањи на учесниците на двојните избори за претседател на државата и за нов парламентарен состав, лесно се препознаваат заканувачките наративи. Два дена пред изборниот молк за првиот круг на претседателските избори, на митинг на централниот градски плоштад во Скопје, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, му порача на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, „да не почнува неволја (беља), да внимава на зборовите… зашто бил пораснат на бисквити и млеко“.
– Јас патував малку подолго и одвај чекав да дојдам тука кај вас за да му кажам неколку збора на Христијан Мицкоски. Христијан Мицкоски е пораснат со гурабии, Христијан Мицкоски е пораснат со кекси (бисквити). Јас сум пораснат во кула од камен што трипати е изгорен од поробувачите. Христијан, народот мој вели дека камен по камен се гради тврдината, збор по збор започнува бељата, не започнувај беља (проблем). Не започнувај беља и избирај ги зборовите, уште си млад и устата млеко ти вади – му порача Ахмети на Мицкоски.
Таквите пораки на лидерот на ДУИ беа искажани во амбиент на градскиот плоштад „Македонија“, во Скопје, каде што (парадоксално) во морето знамиња немаше државно македонско знаме, а поддржувачите извикуваа „УЧК, УЧК..“ на што по говорот се придружи и самиот лидер.

Неопходна јавна осуда: Скандирањето „УЧК“ асоцира само на врежаните букви на грбот на мавровските работници

Во скандирањето на кратенката „УЧК“ (ОНА) во македонската јавност јасно се препознава евоцирање на моментите од 2001 година, кога македонската држава и нејзините институции беа нападнати од паравоени формации со таков именувачки акроним, кој подоцна се трансформира во политичкиот субјект – ДУИ. И на двете формации, паравоената и онаа на политичката партија – лидер е истата личност од говорницата, Али Ахмети. Повикувањето на „спомените“ од 2001 и извиците „УЧК“, во македонскиот предизборен амбиент се толкуваат како пораки за повторно преземање оружени акции доколку биде прекинат дваесетгодишниот континуитет во партиципирање во власта на политичкиот субјект произлезен од паравоената формација. Тоа, секако, наведува на безбедносна закана за државата Македонија и сите нејзини граѓани. А таквите закани, никако не влегуваат во кодексот за фер и демократски избори, а ги надминуваат дури и дефинициите за црна кампања.
– Повеќе формално, но веќе постои редовна пракса на потпишување кодекс за фер и демократски избори на лидерите на партиите и на субјектите што учествуваат во одреден изборен процес. Тој кодекс би требало да значи некаква гаранција, даден збор за морално и етичко однесување на сите учесници во текот на изборните кампањи и самиот изборен процес. Но секои избори во Македонија покажуваат дека моралот, етиката, дадениот збор не ги спречуваат учесниците во процесот да ги поминуваат линиите на коректноста и спрема конкурентите, но уште повеќе спрема јавноста и гласачите. Лесно се преминуваат линиите на црната кампања, а еве и на нешто што претставува закана за безбедноста на државата и граѓаните. Во земји со развиена демократија, моралната осуда е посилна од правната. Во развиени демократии и правни држави, некоректното однесување и заканите во текот на кампањата може да доведат и до исклучување на тој политички субјект од изборниот процес. Но во Македонија, тоа секако нема да се случи. Целиот тој контекст, на лесна прифатливост на политички наративи со лична дисквалификација на конкурентите, што преминува и во пошироко упатена закана, не е добра за демократската препознатливост на државата. Уште поконтроверзно е што граѓаните се вознемируваат со такви наративи искажани во кампања, што самите ја плаќаат преку државниот буџет – вели универзитетскиот професор по управно право Борче Давитковски.