КУГЛАЊЕ – ПОЕДИНЕЧНО ПРВЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА
Кугларски прваци на Македонија во сениорска конкуренција за 2023 година се Стефанија Алексовска (КК Пелистер пин) од Битола и Младен Донковски (КК Макпетрол) од Скопје, кои и ги одбранија титулите освоени во минатата година. Во кугларницата во Битола викендов се одигра завршницата, полуфиналето и финалето, а осминафиналето и четврт-финалето се одржаа претходно во Скопје.
Во финалето за жени Алексовска победи на дуелот со Андреа Вељаноска (Пелистер пин), во поединечни поени беше 2-2, а во соборени кегли 545-523. Во полуфиналето Алексовска ја совлада Данче Наумовска (ГТЦ Мусандра) со 4-0 (582-502), а Вељаноска ја победи Билјана Гаврилова (ГТЦ Мусандра) со 3-1 (566-515).
Во финалето за мажи, пак, Донковски беше поуспешен од својот соиграч Владимир Даниловски, 2-2 во поединечни поени, 598-564 во соборени кегли. Во полуфиналето, Даниловски го совлада Ибрахим Мемеди (Макпетрол) со 3-1 (584-523), а Донковски Сашо Трпковски (Макпетрол) со 3-1 (586-534).
– По 27 дена пауза поради повреда, се вратив во кугларницата и со само два тренинга ги играв квалификациите (552 и 617 соборени кегли), каде што завршив како трет, зад Димитровски и Трпковски. Влегов речиси целосно неподготвен и без посебни очекувања. Буквално ме натераа соиграчите и сопругата да се пријавам на првенството. Сепак, мотивот и желбата победија – вели Донковски. Г.И.